Ендру и Тристан Тејт ја напуштија Романија утрово околу 5 часот по локално време, изјавија за Би-Би-Си извори од Букурешт. Би-би-си пишува дека со приватен авион тргнале од аеродромот Банеаса кон САД.
Локалниот романски медиум G4media.ro објави дека браќата се качиле на лет за Флорида, повикувајќи се на извори од авијацијата.
Да потсетиме дека Ендрју Тејт (38) и неговиот брат Тристан беа уапсени во Романија пред три години под обвинение за силување, трговија со малолетници и перење пари. И двајцата ги негираат сите обвинувања.
Покрај тоа, браќата ги бара полицијата во Велика Британија под обвинение за силување и трговија со луѓе, што тие исто така го негираат. Нивната екстрадиција во Британија треба да биде на дневен ред по завршувањето на случајот во Романија.
Браќата имаат двојно британско-американско државјанство
На браќата Тејт, кои имаат двојно британско-американско државјанство, им беше забрането да ја напуштат Романија во 2023 година, откако поднеле барање да ја посетат својата мајка во болница во Велика Британија.
Судот во Романија во јули минатата година пресуди дека им било дозволено да ја напуштат земјата, но морале да останат во Европската унија. Обвинителите се спротивставија на оваа одлука, а неполни две недели подоцна беше поништена од Апелациониот суд во Букурешт. Сепак, се чини дека забраната за патување им е укината.
Покрај тоа, романскиот премиер претходно негираше дека бил под притисок од американската влада да ја укине забраната за браќата Тејт.
Двајцата, инаку, имаат широка поддршка на десничарските социјални медиуми и го поддржуваа Трамп за време на американската изборна кампања.
Нејасно е под кои услови им било дозволено да ја напуштат Романија
Не е јасно под кои услови на браќата Тејт – кои се жестоки обожаватели на американскиот претседател Доналд Трамп и имаат милиони следбеници на интернет – им беше дозволено да ја напуштат Романија.
Официјален претставник од Министерството за внатрешни работи на Романија, кој сакаше да остане анонимен, бидејќи тие не се овластени да го коментираат случајот, рече дека одлуката е на дискреција на обвинителот.
Браќата ја напуштија Романија откако романскиот министер за надворешни работи Емил Хурезеану овој месец изјави дека американски функционер од сегашната администрација на Трамп изразил интерес за правната ситуација на браќата во Романија на Минхенската безбедносна конференција. Министерот инсистираше на тоа дека тоа не претставува притисок.
Во декември, судот во Букурешт пресуди дека случајот против Тејт и двете Романки не може да оди на суд поради повеќе правни и процедурални нерегуларности од страна на обвинителот.