Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети синоќа од Чаир ја повикал владината коалиција ВЛЕН да се откаже од владините институции и да ги напушти. Ахмети, истовремено, уверил дека по ова нема да станат дел од владата, бидејќи според него е прифатливо само ДУИ да оди на предвремени парламентарни избори.
Оттаму, Ахмети предложил предвремените избори да се одржат во октомври, заедно со локалните.
Според ДУИ, Ахмети во својот говор истакнал дека неговата партија ќе продолжи да остане цврста во одбраната на постигнатото, во одбраната на албанскиот јазик и ќе се бори со сите демократски средства да се спротивстави на секое сценарио кое има за цел да го поткопа Охридскиот договор.
-Претседателот потенцира дека Албанците со крв си ги заслужиле своите права, а крвта ниту мие, ниту суши и дека ДУИ не изгубила, туку изгубиле Албанците и процесите кои се решавачки за иднината на државата. Лидерот на ДУИ повика на единство и солидарност, посочувајќи дека само сплотени и одлучни можеме да му докажеме на секој политички фактор дека нашите достигнувања, добиени со крв и жртва, никој не може да ги поништи, соопштија од партијата од Мала Речица за дел од испратените пораки на Ахмети на собирот во Чаир.