Нема да има дополнително зголемување на минималната плата во март, освен законското усогласување од 1.700 – 1.800 денари. Синдикатите се оптимисти и не се откажуваат од борбата за повисок минималец.
Велат дека доколку не се најде заеднички јазик со работодавачите на следниот Економско-социјален совет зголемувањето ќе го решаваат по сектори, односно да се почне со пораст на платите во оние сектори кои земаат минимална или под минимална плата.
Синдикатите излегоа со ново барање за зголемување на минималната плата од 30 илјади денари поради зголемените трошоци за живот, со тоа што Владата би ги субвенционирала придонесите од 3.000 до 6.000 денари во период од една година.
Работодавачите се согласуваат за зголемување на минималецот, доколку Владата им ги плати зголемените давачки за придонеси. Тие велат дека потребно е Владата да им помогне на фирмите да го издржат дополнителниот товар, односно да ја покрие разликата во придонесите кои ги плаќаат сега и кои ќе ги плаќаат тогаш.
-Се поизвесно е дека нема да има дополнително зголемување на минималната плата. Ќе има само законско усогласување, односно минималецот ќе се усогласи според растот на трошоците на животот и на просечната плата. Тоа значи дека минималната плата од идниот месец ќе се зголеми за 1.800 денари и ќе изнесува околу 24.400 денари. Некои од работодавачите прифаќаат да се зголеми минималната плата, но сметаат дека тоа ќе биде дополнително оптоварување за нив и затоа предлагаме Владата да субвенционира дел од придонесите, вели за „Локално„ Љупчо Радовски, претседател на Синдикатот на текстил.

Љупчо Радовски
Минималната плата ја примаат повеќе од дваесет илјади вработени, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми. Работодавачите сметаат дека минималната плата може да оди и над 500 евра, доколку за тоа се обезбеди реална основа, односно доколку се зголеми продуктивноста.
– Ние сме оптимисти и веруваме дека ако не во март понатаму ќе дојде до зголемување на минималната плата. Има повеќе опции и зголемувањето може да го решаваме по сектори, односно секој гранков синдикат да преговара со работодавачите колку може да се зголеми минималната плата, објаснува Радовски.
Според него зголемувањето на минималната плата ќе придонесе за зголемување и на останатите плати, бидејќи ќе се пресметува по коефициент на сложеност на секое работно место.
Висината на минимална плата во бруто износ за март секоја година се усогласува со 50 отсто од порастот на просечната плата и 50 отсто од порастот на трошоците на живот, за претходната година. Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57 отсто од висината на просечно исплатената нето-плата во државата.
Б.С.