Британскиот премиер Кир Стармер ги отфрли повиците за откажување на поканата за државна посета на американскиот претседател Доналд Трамп по неговиот вербален конфлит со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Белата куќа, објави Ројтерс.
Стармер, на состанокот во Вашингтон минатата недела, на американскиот претседател му упатил покана од кралското семејство за втора државна посета на Велика Британија, обидувајќи се да изнуди од Трамп американска безбедносна гаранција за заштита на Украина доколку се постигне договор за ставање крај на војната со Русија, наведува агенцијата.
Во меѓу време, дел од британските политичари, вклучително и лидерот на Шкотската национална партија (СНП), повикаа да се повлече понудата за државна посета, откако Трамп го обвини Зеленски дека не е доволно благодарен за американската поддршка во војната во Украина
За британскиот премиер ваквиот повик е нерационален и смета дека посетата на Трамп е од големо значење за цела Европа.
„Нема да бидам одвлечен од СНП или други кои се обидуваат да ја зголемат реториката без навистина да разберам што е тука во прашање, а тоа е мирот во Европа“, изјави Стармер за Би-Би-Си.
Поканата на кралот Чарлс, која Стармер му ја врачи на Трамп во Овалната соба пред светските медиуми, ќе го направи американскиот претседател првиот избран политички лидер во модерната историја кој остварил две целосни државни посети на Британија. За време на владеењето на покојната кралица Елизабета, само тројца американски претседатели остварија целосна државна посета: Барак Обама, Џорџ Буш и Трамп.
Трамп, чија мајка беше од Шкотска, редовно зборуваше со восхит од британското кралско семејство. Првата државна посета на Трамп во јуни 2019 година траеше три дена, при што тој присуствуваше на државен банкет и пиеше чај со Чарлс, кој тогаш беше престолонаследник.