Партиите кои преговараат за формирање на нова германска влада размислуваат за брзо формирање специјални фондови во вредност од стотици милијарди евра, од кои едниот би бил наменет за одбрана, а другиот за инфраструктура, тврдат три добро упатени извори.
Експертите кои се дел од коалицијата која се подготвува, проценуваат дека за одбраната ќе бидат потребни околу 400 милијарди евра, додека за инфраструктурните трошоци би биле потребни меѓу 400 и 500 милијарди евра, изјавија неименувани извори за Ројтерс.
Претставници на три партии – Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија од Баварија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот во заминување Олаф Шолц – учествуваат во разговорите за деталите за формирање два специјални фонда, соопштија извори на Ројтерс.
Оттаму додаваат дека се уште не се донесени конечни одлуки, а страните одбиле да ги коментираат овие разговори поради нивната доверливост.
Жестоката дебата на средбата помеѓу украинскиот и американскиот претседател, Володимир Зеленски и Доналд Трамп, пред два дена во Белата куќа, придонесе Берлин да размислува за потребата од итна акција за доделување на средства за одбрана на Германија, но и на Украина, наведува британската агенција.
Високи функционери на германските конзервативци и социјалдемократите во петокот започнаа прелиминарни разговори за формирање коалициска влада, надевајќи се дека конзервативниот лидер и изборен победник Фридрих Мерц би можел да формира влада до Велигден.