ОМО ,,Илинден-ПИРИН’’ поддржува евроинтеграции но под достоинствени услови и без понижувања и ставање во прашање на македонскиот идентитет или официјални откажувања од македонското малцинство во Бугарија, изјави за Локално универзитетскиот професор и член на партијата на Македонците во Бугарија Омо ,,Илинден-ПИРИН’’, Стојко Стојков. Според Стојков, новата македонска влада ужива симпатии кај македонците во источниот сосед, за разлика од претходната власт која направила штетни компромиси на сметка на македонското малцинство во Бугарија.
,,Ние во ОМО „Илинден“-ПИРИН, како партија, секогаш сме поддржувале евроинтеграција на Македонија при достоинствени услови, а не преку понижување и ставање под прашање на македонскиот идентитет или официјално откажување од македонското малцинство во Бугарија. Што се однесува до настроенијата меѓу Македонците во Бугарија – новата македонска влада ужива силни симпатии. За жал претходната влада направи некои исклучително штетни компромиси, кои максимално ги охрабрија антимакедонските кругови и политика во Бугарија. После тоа за извесно време единствената македонска политика што не би ги влошувала односите би била само предавничка политика. Затоа јас не очекувам некое осетно подобрување во непосредна иднина. Треба да помине време штетните ефекти на претходната политика да ослабнат и во Бугарија да се намали надежта за бугаризација на Македонија. Тогаш ќе може да се зборува за подобрување на односите на рамноправна основа’’ изјави Стојков.

Стојко Стојков
Стојков потенцира дека македонците во Бугарија очекуваат од властите во Македонија цврсти ставови во врска со нивните права кои источниот сосед им ги оспорува, како и укинување на одлуката на парламентот и Уставниот суд во Софија според која не постои македонско малцинство, но и да изнајдат механизми со кои ќе се изборат во најмала мера на следниот попис во Бугарија да има графа Македонец, како и Македонец кој ќе биде претставник во пописната комисијата за малцинства
‘’Од една страна – очекуваме владата да не дозволува играње со македонскиот идентитет. Од друга да го постави прашањето за реципрочност во правата на двете малцинства. Ако бугарските власти „не можат“ да го стават македонското малцинство во Уставот, секако можат за почеток да ги укинат одлуките на парламентот и Уставниот суд според кои не постои македонско малцинство во Бугарија, официјално да признаат дека има такво, да ги регистрираат нашите организации, да стават графа „Македонец“ на пописот и Македонец претставник во комисијата за малцинствата. Еве нешто што можат да го направат. Бугарската власт реагира како што може да се очекува: реагира и ќе реагира негативно на секоја македонска политика освен политика на откажување од македонскиот идентитет и од македонското малцинство во Бугарија. Единствен начин да има добрососедство во иднина е од македонска страна да има постојана пријателска но многу стриктна политика во однос на секакви побарувања спрема македонскиот идентитет. Само кога во Бугарија ќе се убедат дека таквата нивна политика нема иднина и само ги влошува односите, само тогаш можеме да се надеваме таа политика да биде напуштена и со неа да исчезне коренот на сите проблеми меѓу двете земји – а тоа е имено оспорувањето на македонската нација, јазик, историја, малцинство од страна на Бугарија. Тоа треба да е долгорочната добрососедска цел на македонската политика во однос на Бугарија. Секоја друга стратегија не осудува не недоглед од кризи и проблеми,, изјави Стојков.
На прашање што преземаат Македонците во Бугарија во врска со македонското прашање, Стојков одговори дека тие со децении се борат за нивните права, додека македонските организации борбата за рамноправност, како што е веќе познато ја бараа и во Судот во Стразбур.
‘’Нашите организации продолжуваат да се борат за својата регистрација. Продолжуваат да одржува свој културен живот преку правење на собори и други културни активности. Се води активна борба за малцински права – во Судот во Стразбур, во Комитетот на министрите, во други меѓународни институции. Сега се завршува редовниот годишен извештај за положбата на македонското малцинство во Бугарија за 2024 г. и т.н,, завршува Стојков.
Д.Ѓ