Голем пад на берзанските индекси на Волстрит. Инвеститорите стравуваат од трговска војна, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за Канада и Мексико. Индексот Дау Џонс има пад за 1,48 отсто, на 43.191 поени, додека С&П 500 за 1,76 отсто, на 5.849 поени, а индексот НЕСДАК за 2,64 отсто, на 18.350 поени.
Остриот пад на индексот е резултат на одлуката на Трамп да воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, нејзините најголеми трговски партнери. Трамп имаше намера да ги воведе овие тарифи во средината на јануари, но ги одложи за еден месец за да им даде време на властите на соседните земји да преземат мерки за спречување на шверцот на дрога и илегалните имигранти.
„Пазарот се надеваше на договор во последен момент, но овој пат тоа не се случи. Воведени се царини и треба да се справиме со тоа. Оваа нова реалност сега треба да се вметне на пазарот, а тие бројки ќе бидат лоши“, објаснува Џејми Кокс, партнер во финансиската групација Харис.
Инвеститорите стравуваат од трговска војна бидејќи Канада веќе се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија и други мерки, а сето тоа негативно ќе влијае на економиите. Се проценува дека тоа би можело повторно да го стимулира растот на инфлацијата, која и онака е сè уште висока, а тоа, пак, би ја спречило американската централна банка да продолжи да ги намалува каматните стапки. Од друга страна, инвеститорите се надеваат дека ФЕД наскоро би можел да го продолжи овој циклус бидејќи низа неодамнешни податоци покажуваат дека растот на американската економија забавува.