Поразот на последните избори беше тежок и секако, потребно е време за да се издигнеме и да се вратиме на вистинските патеки, но состојбата значително се подобри, изјави за Локално новиот претседател на СДММ Трајче Стојчевски. Стојчевски нагласи дека неговата кандидатура за претседател била резултат на долгогодишна работа во младинските структури на партијата, но и на темелни консултации со соработници и партиски активисти. Тој потенцира дека преку долгогодишен ангажман во СДММ стекнал искуство, поминувајќи низ различни нивоа – од активист во локалниот клуб во Штип, до потпретседател на младинската организација.
„Пред да ја поднесам кандидатурата, разговарав со многу мои пријатели и блиски партиски соработници за тоа каков предизвик прифаќам доколку ја добијам поддршката. Имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓаше партијата и младината по изборниот пораз, решив да направам крупен чекор. „На 1 септември ја добив поддршката од членовите и делегатите и бев избран за претседател на најавангардната младина во Македонија. Сметав дека сум подготвен за предизвикот и веднаш почнав да работам на формирање тим со кој ќе ги надминуваме сите предизвици. Поразот на последните избори беше тежок и секако, потребно е време за да се издигнеме и да се вратиме на вистинските патеки, но состојбата значително се подобри. Силна СДММ и СДСМ не се потребни само на членовите, туку и на граѓаните и на државата’’ изјави Стојчевски.
Стојчевски нагласува дека СДММ во моментов ги има целосно формирано своите централн и структури, како и претседателите и раководствата на локалните клубови, што е клучно за нејзиното успеш но функционирање и спроведување на активности. Тој потенцираше дека СДММ заедно со СДСМ работи на стратегија за критичко следење на актуелните политички текови.
,,Покрај ова спроведовме и неколку клучни активности: средби со студенти и средношколци, панел дискусии, крводарителски и хуманитарни акции, учество во дебатни емисии, активно учество на академии, семинари и работилници, а почнувајќи од јануари оваа година го имплементираме акцискиот план и работиме на реализација на социјалдемократските заложби од Манифестот на СДММ преку креирање на конкретни политики и мерки. Заедно со СДСМ градиме стратегија и секојдневно сме присутни во јавноста по однос на погрешните политики и чекори коишто ги гледаме од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ’’ изјави Стојчевски.
На прашање за состојбата во партијата после поразот на Парламентарните избори, и дали младите кои пред изборите биле активисти одлучиле да ја напуштат партијата, претседателот на СДММ нагласува дека разочарувањето во редовите на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) е природно, но не и знак за напуштање на партијата.
,,Природно е да постои одредено разочарување после пораз на избори, всушност тоа покажува дека вербата во победа била голема, но нема да се согласам дека има напуштање на партијата и младината. Токму напротив, за само неколку месеци власт, ВМРО-ДПМНЕ го покажа своето вистинско лице и сите ветувања од предизборието ги погази. Многу млади луѓе ни приоѓаат за да разговараат и да ги посочат проблемите, да понудат решенија, а дел од младите и лично да се вклучат во работата на младината. Ние како СДММ сме отворени за секој млад човек кој ги споделува социјалдемократските вредности. Истовремено, отворени сме за секаков разговор со младите, затоа што младите најдобро знаат што им е потребно, а СДММ целосно е посветена кон унапредување на положбата на младиот човек во општеството, како и животниот стандард генерално’’ изјави Стојчевски.
Според Стојчевски, младите се двигатели на системот и општеството. Тој смета дека сите промени во државата треба да започнат од младите, нагласувајќи дека нивната бунтовност и авангардност треба да се особина по која ќе бидат препознаени.
,,Младите се авангардата на една држава, тоа сме го покажале во многу наврати во минатото. Останете автентични и бунтовни, затоа што државата може да чекори напред само со нова енергија на прогресивни млади’’ завршува Стојчевски.
Д.Ѓ