Поранешниот командант на американските сили во Европа, пензионираниот генерал Бен Хоџис, рече дека мировниот план на Трамп вклучува „предавање“ на Украина на Русија. Хоџис, кој беше командант на американските сили во Европа до 2018 година, го осуди Трамп за ставот што го зазеде кон Русија, укажувајќи на понижувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа како доказ за неговите намери.
„Ова не е ништо повеќе од план за предавање. Тоа е притисок на САД врз Украина да и се предаде на Русија. Маската падна кога го видовме дебаклот во Овалната соба пред две недели и потоа сè што следеше“, рече Хоџис.
„Администрацијата на Трамп само очекува Украина да предаде нешто, особено територија, и не разбирам зошто тие мислат дека тоа е добро за стратешките интереси на Америка“, додаде тој. Трамп, за потсетување, денеска треба да разговара со Владимир Путин за предлогот за 30-дневен прекин на огнот во војната во Украина, на кој Киев се согласи неодамна на состанокот со американската делегација во Саудиска Арабија.
Хоџис рече дека нема индикации дека Кремљ ќе бара каква било форма на мир, освен ако тоа не значи победа и постигнување на целта на Путин Украина повеќе да не постои како независна и суверена држава.
„Мислам дека идејата дека Русија ќе почитува каков било договор е бесмислица. Нема докази во историјата дека Русија би почитувала каков било договор доколку не биде принудена од голем воен притисок. И на крајот, би рекол дека тие не покажуваат наклонетост за мирно решение доколку не контролираат сè“, рече Хоџис.
„Јасно е дека администрацијата на Трамп нема почит кон Европа како целина или искрено кон повеќето европски земји. Мислам, тие не ги земаат предвид европските интереси. Ним не им е грижа, освен да бараат Европа да купува американски производи“, додаде тој.