Политико потсетува на претходните медиумски извештаи според кои нов амбасадор би можел да биде поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ. Овој медиум претходно објави дека Брновиќ бил разгледуван за позицијата американски претставник во една балканска земја.
„Не се очекува Брновиќ да се соочи со значителни пречки при потврдата, бидејќи неговите ставови се сметаат за дел од главниот тек на Републиканската партија и нема особено контроверзна позадина во споредба со другите кандидати на Трамп за дипломатски позиции“, пишува Политико.
Се додава дека не е јасно зошто Трамп го избрал Брновиќ наместо Благојевиќ, кој е демократ и силен поддржувач на претседателот, а кој исто така бил разгледуван како можен амбасадор во Србија. Запрашан за номинацијата на Брновиќ, Благојевиќ изјави дека тој „ќе биде одличен“.
„Марк е високо квалификуван, посветен и трудољубив. Тој ја сака Америка и ќе се залага за унапредување на американските национални интереси“, нагласи Благојевиќ.
Политико објави дека Србија и поширокиот балкански регион биле предмет на интензивен личен интерес меѓу сојузниците на Трамп.
„Брновиќ не ги исполнува вообичаените критериуми, па мора да има силна поддршка во круговите на Трамп“, изјавил еден политичар, пренесува медиумот.
Друг медиум од Аризона, Фокс 10, во својот видео извештај наведува дека Брновиќ „повторно влегува во политиката со приклучувањето кон администрацијата на Трамп“, откако американскиот претседател го номинираше за амбасадор на САД во Србија.
„Како син на бегалци од комунизмот, Марк ќе биде силен бранител на слободата и секогаш ќе ја става Америка на прво место. Честитки, Марк“, изјави Трамп, пренесе Фокс 10.