Екс-репрезентативецот Попов откри како поради Вучиќ фудбалерите од Србија станале непожелни во Украина

од Nikola Popovski
95 прегледи

Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен фудбалски агент, Горан Попов за рускиот портал „РБ Спорт“ зборувал за необичните пречки кои се појавуваат при трансферите на српските фудбалери, но не на теренот, туку на политички план.

Попов, кој во својата кариера ги носеше дресовите на Динамо Киев, Вест Бромвич Албион и Херенвен, отворено зборувал за своите искуства кога се обидувал да им препорача српски играчи на клубови од Украина.

„Работев и со Украинци и со Руси и не сакам никакви проблеми. Политиката е чувствителна и сериозна работа. Со Божја помош се надевам дека сето ова наскоро ќе остане зад нас, за луѓето во двете земји да продолжат нормално да живеат и работат“, рекол Попов во интервјуто.

Сепак, открил дека некои украински клубови автоматски одбиваат да преговараат за трансфери на играчи од Србија.

„Еден спортски директор директно ми рече: „Горан, те молам не ни нуди играчи од Србија“. Кога го прашав зошто, тој кратко одговори: „Затоа што претседателот Вучиќ ја поддржува Русија“.

Попов го изразил своето изненадување од таквата ситуација, посочувајќи дека агентите, по природата на нивната работа, мора да соработуваат со сите пазари и со сите клубови, без разлика на политичката заднина.

Во текот на својата богата кариера, Попов настапуваше и за клубови како АЕК, Левадијакос, Егалео, Вардар, Црвена Ѕвезда и други. За репрезентацијата на Македонија забележа 46 настапи и постигна два гола.

Слични содржини