Градончалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски го претстави, како што вели, третиот сет на мерки за вразумување на градежниците и инвеститорите, затоа што, порачува дека профитот не смее да биде поважен од безбедноста, квалитетот на живот и интересот на граѓаните. Овие мерки се во насока на подобрување на функционалноста на објектите што се градат, поголема заштита на сопствениците на земјиштето, поголема безбедност за објектите и граѓаните кои живеат околу објектот кој се гради, како и обезбедување на поквалитетна градба, ствање на поквалитетни материјали, поубав изглед на новите објекти, како и поголема гаранција на квалитет која мора да ја дадат изведувачите на идните станари.
-Од денес во Карпош важат нови, обврзувачки правила: секој проект ќе добива одобрување од стручна комисија (архитекти + инженери), договорите меѓу инвеститор и сопственик – задолжително заверени од два адвокати, 3 години гаранција за кров, прозорци, бањи и врати, забрана за градба во недела и празници, сета арматура – монтажа во еден ден или нема дозвола, гаражите мора да бидат над земја – за безбеден пристап, банкарска гаранција од 15.000 евра за комшиите и за инфраструктурата, градежен инспектор на лице место по секоја фаза, купувачите со обврзно адвокатско застапување, без гаража во договорот – нема стан, ќе одбиваме дозволи и ќе затвораме градилишта ако не се почитуваат овие одредби и прекршителите ќе добијат забрана за градба во Карпош, рече Јакимовски на прес-конференција.
Одредбите од овој Правилник се однесуваат за градби А1, односно индивидуални објекти кои масовно се претвораат во колективно домување и за кои при изведбата имаме огромни поплаки од страна на граѓаните затоа што се е подредено на изведувачите на објектите, а безбедноста мирот, спокојноста и сигурноста на соседите е целосно маргинализирана.
И покрај изречени повеќе опомени и напишани повеќе казни од општинската комунална инспекција, од општина Карпош информираа дека градежната компанија Спектар Термо која работи на изградба на објект на улицата Драгутин Аврамовски Гуте бр.25 во Влае и натаму продолжува со своето несоодветно однесување, поради што градилиштето го посетил Јакимовски. На лице место била повикана и сообраќајна полиција, а по извршениот увид, донесена е одлука да се затвори градилиштето заради попречување на сообраќајот, несоодветно однесување на градежната компанија, уништување на општински имот и загрозување на безбедноста на граѓаните.