Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти од трагедијата во Кочани

од Milan1
50 прегледи

Одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти од трагедијата во Кочани, а се подобруваат условите за пациентите и во кочанската болница, беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата.

Доктор Катерина Паниќ – Мирчовска, в.д. директор на Општата болница – Кочани, информираше дека во соработка и со Владата донесени биле потребните креми за апликација на изгорениците – првата пратка веќе пристигнала во болницата и дел од неа во одморалиштето на Пониква. Стигнати биле и лепенки што пациентите долго ги барале, првата пристигната тура броела 95 лепенки.

Веќе биле потпишани договори со ГОБ „8 Септември“ за пулмолози, се работело на списоци со пациенти на кои им е неопходен преглед кај пулмолог. Паниќ – Мирчовска нагласи дека ќе се направи список на потреби, распоред за пулмолошки прегледи, што ќе се одвиваат во Општата болница – Кочани.

– Во однос на компресивната облека, можам да ги кажам првите искуства од терен. Значи, веќе на 58 повредени им е дадена компресивната облека и тие ја носат. Веќе имаме видливи позитивни промени на самите лузни, истакна таа.

На плус други 14 лица им биле направени мерења за носење компресивна облека.

– Најавата на претставниците од компанијата од Германија и на претставниците од претставништвото во Бугарија, ни е дека за две недели повторно ќе дојдат, да ги видат позитивните или негативните забелешки што ги имаат повредените во однос на компресивната облека, во однос на мерките и доколку се соодветни кај сите, ќе почне процесот на изработка на вториот пар на компресивна облека, а ќе им биде доставена и првиот пар компресивна облека на тие на кои им се направени мерки во текот на оваа недела, појасни Паниќ – Мирчовска.

Таа рече дека компресивната облека им дозволува да можат да ги извршуваат вежбите на физикална медицина, овозможува да се вршат секојдневни активности, а додаде и дека тоа е дополнителна заштита и од сончева светлина, бидејќи тие користат заштитен фактор 30 во самиот материјал од што се изработени.

Во текот на престојот на Пониква, за оние кои се во училиште, во план е да има средба и со нивни наставници, педагози и психолози од нивните училишта.

Слични содржини