Американските сили погодија три ирански нуклеарни постројки во „неверојатно успешен удар“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
„На ниту еден претседател не треба да му се дозволи еднострано да ја турка оваа нација во нешто толку значајно како војна“, рече лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер.
Републиканецот Трамп мора да биде одговорен пред Конгресот и американскиот народ. „Опасноста од поширока, подолга и поразорна војна сега драматично се зголеми“, рече Шумер.
Како и Шумер, лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, исто така, побара администрацијата итно да го информира Конгресот.
„Претседателот Трамп ја доведе земјата во заблуда за своите намери, не побара одобрение од Конгресот за употреба на воена сила и ризикува да ги вовлече САД во потенцијално катастрофална војна на Блискиот Исток“, рече Џефрис.
„Ризикот од војна сега драматично се зголеми“, нагласи тој.
Поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го обвини Трамп дека дејствува нелегално. „Вечерва, претседателот го игнорираше Уставот со еднострано ангажирање на нашата војска без одобрение од Конгресот“, објави Пелоси на X.
„Се придружувам на моите колеги во барањето одговори од администрацијата за оваа операција што ги загрозува американските животи и ризикува понатамошна ескалација и опасна дестабилизација на регионот“, напиша таа.
Трамп доби широка пофалба и поддршка од неговите колеги републиканци, кои моментално имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, за неговите напади врз нуклеарните постројки на Иран.