Незаразнитет болести остануваат водечка причина за смрт и инвалидитет во Европскиот регион, каде што 20 проценти од мажите и 10 проценти од жените умираат пред 70-годишна возраст, соопшти во петок Светската здравствена организација (СЗО).
Во Европскиот регион, 1,8 милиони луѓе умираат секоја година од кардиоваскуларни заболувања, рак, хронични респираторни заболувања, дијабетес и сродни болести, според СЗО. Овие смртни случаи можеле да се спречат со ефикасни мерки за јавно здравје или да се третираат со навремен пристап до квалитетна здравствена заштита, соопшти СЗО.
Од овие смртни случаи што можат да се избегнат, 60 проценти се поврзани со причини како што се пушење и алкохол, висок крвен притисок, нездрава исхрана, дебелина и недоволна физичка активност, кои можат да се решат со посилни политики за јавно здравје.
Останатите 40 проценти можеле да се спречат или одложат со рана дијагноза и пристап до квалитетна здравствена заштита, според СЗО. „Незаразните болести не само што можат да се спречат или излечат. Тие се исто така во голема мера игнорирани“, рече регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.
„Откривме дека речиси два милиони смртни случаи годишно би можеле да се избегнат со подобра превенција или третман, заштедувајќи милијарди долари трошоци за здравство… Имаме моќ и алатки да направиме разлика“, рече тој.
Разликите меѓу земјите во регионот се намалија од 2010 година, но остануваат значајни, според СЗО. Факторите на ризик што можат да се спречат, како што се пушењето, дебелината, високиот крвен притисок и дијабетесот, се во пораст и се повеќе се концентрирани во источниот дел од регионот. Европскиот регион на СЗО ги вклучува Русија, Украина, Турција и земјите од Централна Азија.