По недели на тензични преговори, Вашингтон и Брисел постигнаа рамковен договор за трговија и намалување на најавените царини. Американската царина за стоките од ЕУ ќе изнесува 15 проценти. Договорот меѓу другото предвидува блокот да купи американска енергија и воена опрема. „Ќе го направиме следново: Европската Унија ќе се согласи да купи од Соединетите Американски Држави енергија во вредност од 750 милијарди долари. Ќе инвестираат во САД 600 милијарди долари повеќе отколку што веќе инвестираат. Сите земји ќе бидат отворени за трговија со Америка, со нула царини. И се согласуваат да купат огромна количина воена опрема“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Брисел ќе извезува фармацевтски производи и полупроводници со пониска царинска стапка. Европските производители на автомобили исто така ќе плаќаат 15 насто царина, наместо глобалната стапка од 25 проценти воведена во април. Сепак, европскиот челик и алуминиум и натаму ќе имаат 50 насто царина. „Ќе им овозможиме подобар пристап на американските производи до нашиот пазар. Ова ќе им користи на европските потрошувачи и ќе ги направи нашите бизниси поконкурентни. Кога Европската Унија и Соединетите Американски Држави работат заедно како партнери, придобивките се опипливи од двете страни“, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Царината од 15 насто на увозот од ЕУ ќе важи и за автомобили, полупроводници и фармацевтски производи. За алуминиум и челик, царините ќе останат на 50 проценти. Договорот меѓу другото предвидува блокот да купи американска енергија и воена опрема. Дел од западните аналитичари сметаат дека е избегнато лошо сценарио, но договорот ја покажува слабоста на Европа. Се поставува дилемата дали ЕУ потклекна под притисокот на Трамп….
Поранешниот министер за финансии и познавач на состојбите, Кирил Миноски во разговор за „Локално“ вели дека ЕУ покажа попустливост, но тоа не е само резултат на притисокот од Трамп. Според него, Унијата е структурно зависна од САД – во безбедносен план преку НАТО, во енергетика преку увоз на LNG и во глобалната политика поради војната во Украина.
-Критичарите го сметаат договорот за „лош“ затоа што ЕУ прифати асиметрични обврски, останаа високите тарифи на челикот кои ги погодуваат европските индустрии и нема механизми за заштита од американските субвенции (IRA), кои ја нарушуваат конкурентноста. Ова ја позиционира ЕУ како „второстепен играч“ во глобалната економска трка со САД и Кина, посочува Миноски.
Запрашан каде е економската логика во прифаќањето на 15% тарифи без контра-добивки, соговорникот истакнува дека логиката е политичка, а не економска. Во сегашни услови, како што додава Миноски, европските лидери жртвуваат економски интереси за да ја зачуваат трансатлантската кохезија и да избегнат трговска војна со САД.
-Но цената е висока: ЕУ веќе плаќа 4-5 пати поскап американски LNG во споредба со рускиот пред 2022 година, а американските индустриски субвенции дополнително ја слабат европската конкурентност. Ова носи ризик од деиндустријализација и ја ограничува способноста на ЕУ да делува како рамноправен економски блок, нагласува експертот.

Кирил Миноски
Околу тоа дали договореното е подобро од трговска војна меѓу САД и ЕУ, Миноски вели дека краткорочно е добро, со оглед дека трговска војна би значела рецесија во ЕУ, пад на извозот и дестабилизација на еврото. Но долгорочно, како што истакнува, постојаното попуштање ја поткопува автономијата на Унијата и ја изложува на ризик да стане економски зависна од САД.
-Решението е во диверзификација на пазарите кон Азија, Африка и Латинска Америка, зајакнување на индустриските политики преку европски фондови и градење поголем економски и безбедносен суверенитет. Без овие чекори, ЕУ ќе остане во подредена позиција и во економски и во геополитички смисол, потенцира екс-министерот за финансии.
Рамковниот договор поздравен од италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, француските власти, но критикуван од француската опозиција. Според унгарскиот премер, Виктор Орбан, договорот што САД неодамна го склучија со Обединетото Кралство е многу подобар од овој со ЕУ.
„Не сум задоволен од резултатот. Едноставно кажано, ова значи дека германската економија ќе претрпи значителна штета како резултат на овие царини. Но, сум сосема сигурен дека тоа нема да биде ограничено само на Германија и Европа, ќе ги видиме и последиците од оваа трговска политика во Америка“, рече германскиот канцелар.
„Тоа воопшто не е вистински договор. Трамп ја јаде фон дер Лајен за појадок. Се случи токму она што го очекувавме, имајќи предвид дека Трамп е многу силен преговарач, а госпоѓата претседателка нешто послаба“, изјави Орбан.
„Секогаш го велев истото и го ценам трудот што го вложи Европската комисија. Го ценам конструктивниот и преговарачки став на претседателот на Европската комисија и во секој случај, го поддржувам овој трговски договор. Но, го правам тоа без никаков ентузијазам“, кажа премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
„Во основа, трговијата ќе се прилагоди на овие тарифи од 15 проценти. Потрошувачите во САД, особено, ќе ја платат цената, бидејќи тарифите значат – особено за граѓаните на Соединетите Американски Држави – дека цените ќе растат“, изјави Волфганг Хатмансдорфер, министер за економија на Австрија.
„Тоа е добрата вест, бидејќи со недели и месеци, нашите компании се плашеа дека оваа неизвесност ќе се претвори во неможност за инвестирање, за вработување и во суштина замрзнување на нашата економија“, истакна Лоран Сен Мартин, министер за Европа, надворешни работи и трговија на Франција.
Американски и кинески претставници преговараат во Стокхолм. Кина има рок до 12-ти август да постигне траен договор за царините со администрацијата на Трамп. Пекинг и Вашингтон постигнаа прелиминарни договори во мај и јуни, привремено спречувајќи ескалација на трговската војна.
Н.П.