Гнев во земјата на која Америка ѝ ги наметна највисоките царини во цела Европа: Казнети сме за нашиот успех

од desk2
109 прегледи Фотографија: ChiemSeherin on Pixabay.com

САД на Швајцарија ѝ воведоа царини од 39 отсто, што е највисоката царинска стапка во споредба со сите европски земји. Швајцарците се многу лути поради тоа.

Царинската стапка што САД ја наметнаа на Швајцарија е четвртата највисока во светот, по Сирија, Лаос и Мјанмар. Ова е главната тема за швајцарските медиуми, па весникот Блик објави дека тоа е најголемиот швајцарски пораз од поразот од Французите во битката кај Марињан во 1515 година.

Швајцарската влада беше оптимист за американските царини пред неколку седмици.

Имено, во мај, Женева беше домаќин на состанокот меѓу претставниците на САД и Кина, со цел спречување трговска војна меѓу овие две економски суперсили. Тој состанок на швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер ѝ овозможи да организира состанок со американскиот секретар за трговија Скот Бесент.

Таа со насмевка излезе од тој состанок, бидејќи ѝ беше кажано дека Швајцарија ќе биде втора, по Велика Британија, со која САД ќе склучат трговски договор. Ѝ беше ветена царинска стапка од 10 отсто, што е многу пониско од 31 отсто, колку што американскиот претседател Доналд Трамп најави во април, односно 39 отсто, колкава што излезе на крајот.

Последниот телефонски повик помеѓу Келер-Сатер и Трамп пред наметнувањето на царинската стапка од 39 отсто не даде резултати. Некои швајцарски политичари сметаат оти ова се должи на фактот дека преговарачката тактика не била добра, додека други веруваат дека била премногу сервилна. Сепак, според Би-Би-Си, можеби реалноста е поедноставна.

Имено, Трамп е желен да склучува големи зделки, а Швајцарија не е толку голема. Швајцарците тврдат дека спорната точка е дефицитот што САД го имаат со нив.

Од друга страна, Трамп верува дека дефицит е кога една земја продава повеќе на САД отколку што купува од таму, но економистите не мислат така. Американскиот претседател е уверен дека царините можат да му помогнат на домашниот производствен сектор, кој со децении губи работни места во полза на странското производство.

Американскиот дефицит во трговијата со Швајцарија минатата година изнесуваше 47,4 милијарди долари, тој дефицит се намалува на 22 милијарди долари, ако се земат предвид услужните дејности. Швајцарците им продаваат на Американците пред сѐ фармацевтски производи, златен накит, часовници и машински алати повеќе отколку што купуваат од нив.

За да се компензира, швајцарската влада ја намали царинската стапка за американските индустриски стоки на нула проценти, додека неколку швајцарски компании, меѓу кои се Нестле и Новартис, ветија инвестиции во САД од неколку милијарди долари. Оваа европска земја е шести по големина инвеститор во САД, создавајќи, како што самите Швајцарци, тврдат 400.000 работни места во САД.

Но, урамнотежувањето на дефицитот изгледа невозможно. Швајцарија има девет милиони жители и многумина од нив не сакаат да купуваат американски производи. Американските автомобили трошат многу гориво или пак се преголеми за алпските патишта, додека американското сирење или чоколадата не се по швајцарски вкус.

Јан Атесландер, шеф на надворешната трговија во EconomieSuisse, организацијата која ги обединува швајцарските компании, вели дека се потребни посигурни односи со САД. Оваа изјава може да биде знак на фрустрација со земјата која е еден од најважните извозни пазари за Швајцарија.

Швајцарските бизнисмени предупредуваат дека американската царинска стапка од 39 отсто може да резултира со гаснење на неколку илјади работни места. Според Би-Би-Си, тешко е да се најде начин за балансирање на трговските односи.

Сепак, Швајцарија има можност радикално да се реваншира на Америка, а тоа е откажување на купувањето американски борбени авиони Ф35.

Швајцарската претседателка вели дека најголемиот проблем лежи во самиот Трамп. Многу Швајцарци сметаат дека Американците ги казниле затоа што имаат една од најконкурентните и најиновативните земји на светот. Други потсетуваат дека Швајцарија и претходно преживеала економски шокови, па ќе го преживее и американскиот шок, пишува Би-Би-Си.