Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека целта на неговата средба со рускиот колега Владимир Путин денес во Алјаска е да се подготви за можна средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која нагласи дека ќе биде поважна.
„Сè што сакам да направам е да „поставам маса“ за следната средба, која треба да се одржи наскоро. Би сакал тоа да се случи многу брзо“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба, објави Би-Би-Си.
Тој додаде дека би сакал можна средба меѓу Путин и Зеленски да се одржи и во Алјаска. Трамп, исто така, рече дека мисли дека Путин и Зеленски ќе „склучат мир“.
„Поважната средба ќе биде втората средба, ќе имаме средба со претседателот Путин, претседателот Зеленски, со мене и можеби ќе донесеме некои од европските лидери, можеби не“, рече Трамп.
На прашањето дали е подготвен да му понуди на Путин пристап до минерали од ретки земји за да се стави крај на војната во Украина, Трамп рече дека неговата денешна средба со Путин била „голема, важна средба“ што, на крајот, „ќе спаси многу животи“.