Напаѓачот на Арсовска доби две години затвор

„Командант Барути“ е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје

од Nikola Popovski
111 прегледи

Сулејман Љамалари, познат и како „командант Барути“, на кого му се судеше за физичко и вербално насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, доби две години затворска казна, во кои се пресметува времето поминато во притвор. До правосилноста на пресудата, Љамалари останува во притвор.

Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на настанот, и дека бил нападнат од Арсовска. Тој изјави дека само се обидувал да го тргне нејзиниот телефон за да спречи неовластено снимање, и дека бил удрен со нога од страна на оштетената.

Во сведочењето, пак, градоначалничката го опиша настанот како „агресивен и опасен“, при што таа се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Според неа, нападот траел над 40 минути, а интервенцијата на полицијата била неопходна.

Судот, исто така, одлучи мерката притвор на Љамалари да му биде продолжена до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 – шеесет дена.

По инцидентот што се случи пред еден месец во скопската населба Чаир, при увид по пријава за дивоградба од страна на Арсовска, таа доби 24-часовно полициско обезбедување.