Под слоганот „Силата на единството“ во Белград се одржа воена парада, на која повеќе од 10 000 учесници презентираа околу 2 500 единици оружје и воена опрема. Според проценките на власта, на парадата присуствувале повеќе од 47 илјади луѓе. За пораките што беа испратени, „Локално“ поразговара со двајца аналитичари од Србија.
„Србија усвои декларација за неутралност во парламентот, но овој чин не претставува никаква гаранција. Гаранцијата зависи од опремена и силна армија, при што пресметката на напаѓачот помеѓу придобивките од агресијата и обемот на штетата што ќе ја претрпи е сведена на неисплатливост. Србија беше пример за хегемонистичкото уништување на меѓународното право од страна на НАТО, со кое сега е речиси опкружена. Три членки на НАТО плус меѓународно спорната територија на Косово создадоа чуден исламско-христијански сојуз насочен против Србите и Србија, вели во анализа, независниот новинар и аналитичар Милутин Илиќ за воената парада што се одржа пред три дена и како може да се окарактеризира.
Според него, во Србија, „глобалистите како (неоколонијални либерали, анархисти, следбеници на „Woke“ идеологијата, ЛГБТ, југо-титоистичките фанатици, поддржувачите на Сорос…) ја презентираат својата политика на хаос и хистерија“. Аналитичарот додава дека „во еден момент тие се амбивалентно шизофрени во навредувањето на Армијата на најодвратни начини“, а во друг сакаат да „бидат видени како важни гости“ на парадата на Српската армија, институција, за која Илиќ вели дека ужива голема јавна поддршка кај нашиот северен сосед.

Фото: Mилутин Илиќ
Соговорникот од Србија вели дека моментално на Балканот не гледа трка во вооружување. Тој информира дека Србија издвојува 2,5 проценти од БДП, додека членките на НАТО со кои е речиси опкружена се обврзани да издвојат 5 проценти од БДП.
-Гостите (на парадата) беа од некои од земјите со кои соработката во областа на одбраната неодамна беше во интересна интеракција. Како и гости од значење за домашната јавност, до кои мислам дека е упатена и пораката за важноста на зајакнувањето на Армијата во денешните геополитички околности. Реалноста е дека соседите на Србија на геополитичката сцена речиси и да немаат суверенитет, за разлика од Србија, туку дека во нивно име зборува Фон дер Лајен или генсекот на НАТО, Руте…За разлика од соседството, Вучиќ овие денови седи и разговара со Путин, Си, а за неколку дена и со државниот секретар Рубио. Тој истовреме ја води Србија низ овие тешки времиња со многу поголем суверенитет од нејзините соседи. Затоа, парадата на единствената претежно суверена држава во регионот е успешна според мене, особено ако Србија заземе решителен став на „вооружена неутралност“ делумно по примерот на Швајцарија во Втората светска војна, што би значело задолжителна воена служба и уште поголеми трошоци за одбрана, порачува Илиќ во разговорот.
Од друга страна, политикологот од Србија и директор на „Институтот за европски работи“, Наим Лео Бешири во разговор за „Локално“ вели дека пораката од воената парада беше насочена повеќе кон домашната јавност отколку кон надворешнополитичката средина. Според него, Владата се обиде да покаже сила и единство, но наместо тоа покажа колку е зависна од контролирана сценографија, бидејќи на граѓаните не им беше дозволено слободно да присуствуваат, туку беа доведени статисти.

Фото: Наим Лео Бешири
-Парадата имаше првенствено домашна политичка цел. Тоа не беше реакција на соседите, туку обид да се демонстрира моќта на режимот пред изборите и да се одвлече вниманието од социјалните и економските проблеми. Моќта на оружјето се користи како средство за внатрешен маркетинг и заплашување, а не како сериозна порака во регионалните односи, оценува Бешири.
Според него, не можеме да зборуваме за вистинска регионална трка во вооружување. Вели дека Србија инвестираше во војската во последните години, но тоа е повеќе за купување политички поени отколку за долгорочна стратегија.
-Регионот, и покрај тензиите, нема економски капацитет за вистинска трка во вооружување и ова е важно да се нагласи, истакнува соговорникот и додава дека меѓународното значење на овој настан беше занемарливо.
-Вообичаено е странски државници да бидат поканети на вакви паради, но овој пат немаше. Ова покажува дека властите во Србија се сè повеќе изолирани во своите политички настапи и дека ЕУ и светските лидери не сакаат да дадат легитимитет на настан кој е јасно организиран како внатрешнополитички настап, а не како национален празник, заклучува Бешири.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Александар Вучиќ
Американската новинска агенција АП пишува дека Србија одржа голема воена парада во Белград, на која беа прикажани тенкови, ракетни системи и борбени авиони, „што официјалните лица го опишаа како најголем приказ на воената моќ на земјата во нејзината историја“.
Претседателот Александар Вучиќ, пренесува АП, по повод парадата во која учествуваа околу 10.000 војници, рече дека „демонстрацијата на сила ја нагласи способноста на Србија да ја брани својата независност и суверенитет и да дејствува како средство за одвраќање од секој странски агресор“ и посочи дека „Србија е претежно опкружена со земји-членки на НАТО“.
Се наведува дека е претставено и домашно оружје, како и ракетни лансери од Израел, беспилотни летала купени од Обединетите Арапски Емирати, тенкови испорачани од Русија и противвоздушни системи од Кина, „што ги одразува блиските врски на Белград со Москва и Пекинг и покрај неговата декларирана цел за приклучување кон Европската Унија“.
Најголем дел од вниманието на воените експерти го привлече израелскиот систем „PULS“ – разновидна платформа за ракетна артилерија способна да лансира муниција со различен дострел и носивост, пишува „AП“ и пресметува дека дострелот на системот до 300 километри „значи дека може да достигне до повеќето балкански престолнини“.
Друго изненадување, вели американската агенција, биле неколку борбени авиони „Rafal“ на француските воздухопловни сили. „AП“ наведува дека Србија нарачала 12 такви повеќенаменски авиони кои треба да бидат испорачани во наредните години.
Критичарите велат, пишува „AП“, дека парадата е „дизајнирана помалку за да ја покаже силата на армијата, а повеќе за да ја зајакне популистичката власт на Вучиќ, која е доведена во прашање од студентските протести и растечкиот меѓународен надзор на неговата сè поавторитарна влада“.
Опозициските лидери, се вели во текстот, „ја обвинија владата дека ја користи војската како политичка поддршка, додека групите за човекови права забележаа дека некои државни службеници биле под притисок да присуствуваат на парадата и биле донесени со стотици автобуси“.
„Стотици студенти и други поддржувачи на опозицијата, кои организираат протести против корупцијата против Вучиќ и неговата влада повеќе од 10 месеци“, пишува „АП“, „беа спречени од полицијата да им се придружат на гледачите на парадата“.
Н.П.