Американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди помладиот неодамна вети дека во септември ќе биде откриено што ја предизвикува епидемијата на аутизам, а американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот објави дека употребата на парацетамол за време на бременоста може да биде поврзана со „многу зголемен ризик од аутизам“. Иако ниту еден од американските официјални лица не се осврна на некое конкретно истражување на прес-конференцијата, во својот говор Кенеди ги повтори речениците од студијата објавена на 14 август, на која присуствуваа деканот на Харвардската школа за јавно здравје и професор по здравство и животна средина.
Иако лекарите со децении уверуваат дека парацетамолот е најбезбедната опција за бремени жени и новороденчиња, американската администрација ја поврзува употребата на овој лек со зголемен ризик од аутизам и други невроразвојни заболувања, вклучувајќи го и ADHD (нарушување на дефицит на внимание и хиперактивност кај деца).
„FDA (Американската администрација за храна и лекови) исто така признава дека парацетамолот е често единственото средство за намалување на треската и ублажување на болката во бременоста, бидејќи другите алтернативи имаат добро документирани несакани ефекти. Затоа, HHS сака да ги охрабри лекарите да ја користат својата најдобра проценка при администрирање на парацетамол за треска и болка во бременоста, препишувајќи ја најниската ефикасна доза за најкраток можен период и само кога е неопходен третман“, рече Кенеди на прес-конференција откако Трамп ги објави наодите за парацетамолот.
Каков е ставот на македонските лекари за ваквите тврдења?
Д-р Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари во разговор за „Локално“ вели дека во Америка многу долго време го избегнуваа парацетамолот, дури и не го даваа. Ова не е нешто што е од сега, тврди докторката.
-Дури и во самиот лек да прочитате ќе видите дека парацетамолот е хепатотоксичен и невротоксичен и имаме пациенти кои што многу долго го користеле, а кои што дури прави малигнитет на црниот дроб. Штетни се. Секој лек во мала доза кога се користи делува лековито, но кога количините ќе бидат многу поголеми…Имав пациентка која што вадеше заби и цел месец пиеше по четири парацетамоли, на крај заврши со карцином на црн дроб. Праксата и искуството од преку 30 години покажуваат друго. На времето порано луѓето и децата кога имале температура, бабите ги триеле со ракија, ги масирале, топли чаеви…Многу поретко се користеле хемиски лекови, истакнува Чолакова Дервишова.
Според неа, сега едноставно живееме во период каде што лековите се многу достапни и луѓето многу лесно ги земаат на своја рака и ги користат не како што е препорачано. Потенцира како фармакологијата е наука која што по килограм, телесна тежина и колку може да се користи. Сето тоа штетно влијае на организмот.
-Не велам дека е дезинформација изјавата на Трамп како претседател на држава, сигурно е базирана на стручна фела која стои позади него. Јас и на моите пациенти им апелирам да што помалку внесуваат лекови ако не требаат. Да се вратиме и да ја зачуваме медицината и начин на лекување каде што може на природен начин некои работи да се средат. На крај на краишта, кога некој има температура тоа значи дека организмот се бори против некој агенс, вирус или бактерија и треба да се остави да се избори – само да му се помогне со внес на течности, витамини, движење, физична активност, се она што е здраво и што го покренува имуниот систем на човековиот организам, истакнува докторката, додавајќи дека има доволно искуство каде кој лек треба да го даде и како да постапи во дадени стиуации.
Истражувањето, кое го водеше Медицинскиот факултет „Икан“ во Медицинскиот центар „Маунт Синај“ во Њујорк, а во кое учествуваа и коавтори од други институции, ги анализираше резултатите од 46 студии кои претходно беа спроведени низ целиот свет, во кои учествуваа повеќе од 100.000 луѓе, а кои истражуваа можна врска помеѓу земањето парацетамол за време на бременоста и подоцнежните невроразвојни нарушувања кај децата.
Од 46 испитувани студии, 27 пријавиле позитивни врски помеѓу парацетамолот и невроразвојните нарушувања, девет не покажале никаква поврзаност, а четири посочиле негативни врски (заштитни ефекти од употребата на парацетамол во бременоста).

Д-р Лидија Чолакова Дервишова/ Фото: Фејсбук
Истражувачите заклучија дека иако треба да се преземат одредени чекори за ограничување на употребата на парацетамол, лекот останува многу важен за намалување на треската и ублажување на болката за време на бременоста, што исто така може да биде опасно и да влијае на развојот на фетусот.
Од друга страна, портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави во вторникот дека доказите за врската помеѓу употребата на парацетамол за време на бременоста и аутизмот остануваат недоследни и дека животоспасувачката вредност на вакцините не треба да се доведува во прашање.
„Доказите остануваат недоследни“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на прес-конференција во Женева, кога беше прашан за можна врска помеѓу употребата на парацетамол во бременоста и аутизмот.
„Знаеме дека вакцините не предизвикуваат аутизам. Вакцините, како што реков, спасуваат безброј животи. Значи, тоа е нешто што науката го докажала и тие работи навистина не треба да се доведуваат во прашање“, додаде тој.
Н.П.