Синдикатот на култура информира дека министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска упатила допис до нив од кој јасно се согледува дека целиот проблем со платите во културата, како и кратењето на истите за 3%, настанал не во Министерството за Финансии, туку токму во Министерството за Култура и Туризам, како непосредно одговорна институција за изготвување на платите во културата, а со тоа и почитувањето или непочитувањето на колективните договори и законите.
Оттаму велат дека во прилог на овој заклучок оди и неодамнешната изјава на министерот Зоран Љутков, каде тој изјави дека владата со ребалансот обезбедила 267 милиони денари за плати во културата, при што нема да се крати од програмските активности на институциите.
-Според сето ова, можеме да заклучиме дека целиот хаос и кратењето на 3% на платите кои законски им следуваат на вработените во културата, а за што се поднесени над 1000 приговори и над 800 тужби, за прв пат во ваков огромен број – е последица од дело на поединци, кои самите си дале моќ на одлучување, а се мотивирани исклучиво од хирови и лична суета.
Со овој допис, како и последната одлука на владата за ребалансот и обезбедувањето на средствата за плати однапред, е јасно дека тие поединци го прават хаосот, дека туркањето по секоја цена на нивните „решенија“ за кратење на тие 3% на платите не се воопшто политички мотивирани, туку како што наведовме погоре, исклучиво од хир и лична суета, додаваат од Синдикатот на културата.
Во тој контекст СКРМ посочува дека и понатаму е отворено за продуктивен социјален дијалог со Владата на РМ и нашето ресорно министерство, дека би можело да се најде заеднички јазик во врска со поднесените тужби доколку се постигне договор за враќање на тие 3% кои законски им следуваат на вработените во културата.
-Воедно, нагласуваме дека и понатаму ќе учествуваме во изготвувањето на текст за новиот Колективен договор, доколку е во духот на подобрување на условите од досегашниот Колективен договор, кој се уште е на сила, додаваат оттаму.