Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, на завршниот настан од кампањата се обрати до скопјани со порака на единство, солидарност и конкретна визија за иднината на градот.
„Почитувани сограѓани, драги скопјанки и скопјани, почитувани медиуми – ви благодарам што изминативе три недели бевте дел од оваа кампања, што нè слушавте и што комунициравме отворено за иднината на нашиот град,“ изјави Трајановски.
Тој истакна дека оваа кампања била успешна затоа што се засновала на директна комуникација со граѓаните, на реални идеи и конкретни решенија, а не на празни ветувања.
„Ја понудивме нашата визија за едно модерно, европско Скопје – метропола каква што му доликува на овој град. Се надевам дека граѓаните ќе ја препознаат нашата искрена намера и добрата волја овој град да напредува, а не да уназадува.“
Во своето обраќање, Трајановски се осврна и на значењето на солидарноста како темелна вредност на Скопје:
„Скопје е град изграден на солидарност. Ако светот некогаш ни ја подаде раката по катастрофата, денес ние треба да ја подадеме раката еден на друг. Градот не смее да биде користен за политички цели – тој мора да им служи на граѓаните,“ нагласи тој.
Трајановски ги повика скопјаните масовно да излезат на гласање во недела, да ја поддржат визијата за Скопје што гради решенија, не проблеми.
„Се надевам на поддршка и влез во вториот круг, затоа што сум еден од ретките кандидати што ги обединува сите гласачи и нуди најпрактични и најекономични решенија за конкретните проблеми на градот. Не нудевме бајки, нудевме работа, ред и план,“ истакна Трајановски.
Во заклучок, тој порача дека Скопје мора да остане град на визија, идеи и заедништво.
„Да ја тргнеме политиката на страна и да работиме исклучиво во интерес на граѓаните. Само така Скопје ќе биде модерен, современ и европски град на 21 век,“ заврши Трајановски.