Откако Артан Груби ја напушти земјава, избегнувајќи го правосудниот систем и оставајќи зад себе партија во потрес, а Бујар Османи доживеа тежок изборен пораз во Чаир уште во првиот круг, токму од својот поранешен сопартиец Изет Меџити, сè погласно се поставува прашањето: кој ќе го наследи Али Ахмети кога ќе реши да се повлече од активната политика?
Прашање кое во јавноста одамна постои, но кое сега, по променетите околности, добива сосема поинаква тежина.
ДУИ влезе во фаза на преиспитување. Она што порано изгледаше како монолитна структура, денес е мозаик на струи, интереси и недоверба.
Груби, некогашната десна рака на Ахмети и негов најблизок соработник, практично е надвор од играта. Неговото отсуство не е само физичко, туку е политичко исчезнување.
Бујар Османи, пак, кој долго време важеше за можен наследник, со поразот во Чаир го загуби ореолот на сигурен победник. Тоа не беше само лош изборен резултат, туку јасен сигнал од базата дека дел од старите кадри повеќе не ги инспирираат гласачите.
Во ваков контекст, името на Арбер Адеми се споменува сè почесто. Тој важи за човек на апаратот, организатор, лојален до крај и без амбиции да се конфронтира со авторитетот на лидерот.

Арбер Адеми
Аналитичарите од албанскиот блок велат дека токму во тоа е неговата сила, Ахмети го гледа како фигура што може да ја одржи стабилноста во транзициски период.
„Адеми е рационален и дисциплиниран. Ако Ахмети сака мирен пренос на контролата, тоа е најбезбедното решение“, коментираат експертите.
Но има и такви што предупредуваат дека ДУИ не може да се води само според лојалноста кон Ахмети.
„Партијата е во период кога треба харизма и нова енергија, не само лојалност кон системот“, забележуваат упатените.
Во внатрешните кругови сè почесто се слуша и името на Крешник Бектеши. Тој е дел од помладата генерација, технократ по природа, добро прифатен кај бизнис-заедницата и меѓународните партнери. Неговата предност е во модерниот пристап и комуникацијата со надворешниот свет, но токму тоа, според некои, може да биде и слабост.

Крешник Бектеши
„ДУИ не се води од амбасади, туку од теренот. А теренот е емотивен, традиционален и бара политички авторитет, не само стручност“, објаснува аналитичар близок до албанскиот блок.
Од друга страна, Талат Џафери се споменува како можно привремено решение. Човек со долг стаж, со институционално искуство и авторитет кај старото јадро на партијата, би можел да биде мост до новото раководство. Но никој не верува дека токму тој ќе биде финалниот наследник.
„Џафери е чувар на стабилноста, не реформатор. Може да држи баланс, но не и да ја пренасочи партијата“, вели еден поранешен функционер на ДУИ.
Постои и сценарио во кое Ахмети би можел да изненади со сосема нов лик, некој од локалните структури, градоначалник или регионален координатор кој не бил во прв план, но кој му е целосно лојален.
Тоа би бил начин да се рестартира ДУИ без отворен судир меѓу сегашните фракции. Како што коментираат експертите, Ахмети никогаш не му ја предава партијата на амбициозен човек.

Талат Џафери
„Тој бира некој што ќе ја чува, а не некој што ќе ја присвои“.
Јасно е дека лидерот на ДУИ нема да се повлече пред да ја режира сопствената замена. Тој повеќе од две децении ја води партијата како режисер, не само како претседател. Затоа е извесно дека транзицијата ќе биде контролирана, внимателна и бавно темпирана.
Дополнителен сигнал дека процесот веќе започнал е најавениот партиски конгрес, кој треба да се одржи до 20 декември. Од таму се најавуваат реформи и повлекување на старите лица од раководството.
Според извори од ДУИ, се очекува преструктурирање во ограноците и вклучување на нови имиња на политичката сцена. Истите извори за „Локално“ велат дека на последниот состанок раководството се согласило да се отстранат имињата што подолго време се дел од партијата, а новите избрани во организациониот совет на конгресот се прв сигнал за тоа.
Дали ДУИ ќе остане верна на стариот модел, централизирана, контролирана, вертикална структура, или ќе се обиде да се обнови преку нова енергија и генерациска смена?
Самиот Ахмети, велат оние што добро го познаваат, не верува во нагли промени. За него политиката е маратон, не спринт. И затоа, како што со мала доза иронија коментира еден долгогодишен член на партијата:
„Ахмети можеби ќе се пензионира, но неговата сенка уште долго ќе владее со ДУИ“.
Таков став дели и политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, кој во разговор за „Локално“ рече дека партијата ДУИ ќе се распадне на ситни парчиња без водството на Ахмети.
– Што се однесува до ДУИ, таму ќе следуваат внатрепартиски процеси со кои ќе треба да се консолидира оваа партија по првиот претрпен тежок пораз во нивната 23-годишна историја. Не верувам дека Ахмети ќе се повлече од партиската функција, бидејќи е неспоред авторитет за оваа партија. Доколку Ахмети го нема, особено во овој даден политички момент, оваа партија ќе се распадне на парампарчиња – изјави Атанасоски за „Локално“.
ДУИ, која на овие избори ја предводеше коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) освои само четири градоначалнички места.
Б.Т.