Дали НАТО е чадор и дали Македонија може целосно да ѝ ја препушти безбедноста: „Не можеме да бидеме пасивен примател на заштита, нашата улога мора да биде активна“

„Малите држави, како Македонија, не можат да си дозволат неактивност или политички комфор. Денес, безбедноста не значи само членство во сојузи – туку реална подготвеност, модерна армија и одговорна државна политика“, вели воено-безбедносниот аналитичар Србиновски за „Локално“

од Nikola Popovski
32 прегледи

Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Фабиен Мандон, денеска изјави дека е во тек подготовка на припадниците на вооружените сили на земјата за можна војна со Русија, за која претходно зборуваше и пред пратениците во францускиот Парламент, предупредувајќи дека војската мора да биде подготвена за можен судир со Русија во рок од три до четири години. Мандон во интервју за „Квест Франс“ рече дека претседателот на Франција, Емануел Макрон, побарал од него да предложи опции за да се обезбеди континуирана заштита на францускиот народ и интересите на земјата.

Дали војната меѓу Европа и Русија е сè поизвесна и како треба да се постави Македонија во ваков случај? 

Воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, проценки ги темели врз најновите достапни податоци од повеќе веродостојни меѓународни извори, меѓу кои Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, НАТО, Европската агенција за одбрана, Меѓународниот институт за стратешки студии, РЕНД корпорацијата, Групацијата Џејнс за одбрана, Канцеларијата на Обединетите нации за разоружување, како и националните документи на Министерството за одбрана на Македонија и буџетските предлози на Европската унија за периодот 2028–2034 година.

Анализирајќи ги овие податоци на дел од овие организации, во анализа за „Локално“ вели дека глобалните воени расходи во 2024 година се зголемија за 9,4 проценти и достигнаа историски рекорд од 2.718 милијарди долари. Европа, вклучително и Русија, троши околу 693 милијарди долари, при што Москва издвојува приближно 149 милијарди, што претставува околу 7,5 проценти од нејзиниот бруто-домашен производ највисок удел во Европа и јасен показател за нејзината континуирана милитаризација.

-Овој раст на воените буџети се одразува и во европските финансиски рамки. На 16 јули 2025 година, Европската комисија предложи нов буџет од два трилиони евра за периодот 2028–2034 година, во кој средствата за одбраната се зголемени петкратно, со посебна ставка од сто милијарди евра за реконструкција на Украина и 131 милијарда евра за европски одбранбени програми и заеднички индустриски капацитети. Овие бројки не се само финансиски податок, туку и геополитички сигнал дека европската безбедност влегува во нова фаза од реактивен одговор кон структурна и превентивна подготвеност. Тоа е контекстот во кој Македонија мора внимателно да ги калибрира своите одбранбени политики и да ја зацврсти својата позиција во рамките на НАТО и пошироката европска безбедносна архитектура, потенцира Србиновски.

Фото: Александар Србиновски

Според него, изјавата на францускиот генерал Фабиен Мандон дека земјата мора да биде подготвена за можен вооружен конфликт со Русија во следните три до четири години, не е предвидување на војна, туку предупредување дека времето на европска удобност и самозадоволство заврши.

-Европа повеќе не може да се потпира само на дипломатија и економија – мора повторно да стане силна воена и индустриска сила ако сака да го зачува мирот. Во исто време, светот влегува во нова трка во вооружување. САД во 2025 година трошат околу 832 милијарди долари за одбрана, Кина 314 милијарди, а Русија околу 149 милијарди – повеќе од 7,5 проценти од својот БДП. Администрацијата на Доналд Трамп го претстави проектот „Голден Доме“ – глобален противракетен штит кој треба да ја заштити територијата на САД и сојузниците од можни напади. Овој систем е опишан како еден од најамбициозните воени проекти во историјата и е создаден со цел да ја направи Америка практично недопирлива за нуклеарни и балистички закани, истакнува соговорникот.

Дополнително, додава тој, Русија ја шокираше меѓународната јавност кога во октомври го претстави новото нуклеарно-погонувано оружје Буревестник – ракета со огромен дострел и способност да лета со денови, менувајќи насока и заобиколувајќи системи за одбрана. Ова оружје, наведува Србиновски, ја отвора најопасната фаза во глобалната безбедност по Студената војна – бидејќи може да носи нуклеарна бојева глава и е тешко да се открие и спречи.

-Во вакви услови, Европа ја менува својата дефиниција на мир. Тоа повеќе не е состојба без војна, туку состојба на постојана подготвеност – преку зајакнување на армиите, инвестиции во технологија и блиска координација со НАТО. Малите држави, како Македонија, не можат да си дозволат неактивност или политички комфор. Денес, безбедноста не значи само членство во сојузи туку реална подготвеност, модерна армија и одговорна државна политика, анализира Србиновски.

Македонија: инвестиции, модернизација и човечки капитал

Во тој контекст, според аналитичарот, македонската стратегија е јасна и практична.

-Министерството за одбрана во 2025 година ја гради Армијата врз три главни цели – стабилен буџет, модерна опрема и вложување во луѓето. Буџетот за оваа година изнесува 329 милиони евра, од кои околу 106 милиони (32%) се одвоени за модернизација. Тоа е 18 милиони повеќе од минатата година, а Македонија ја исполнува целта на НАТО да вложува 2% од својот БДП во одбраната. Во последните неколку години, државата направи голем напредок во опремување на Армијата. Прво, набавени се американски оклопни возила  JLTV до сега ни пристигнаа 70-тина возила, а до крајот на 2025 година се очекува околу 100. Паралелно се спроведува и договорот за оклопните возила STRYKER, вреден околу 210 милиони долари, кои ќе го зголемат капацитетот за транспорт и заштита на војниците. Во делот на артилеријата, во 2025 година пристигнаа турските хаубици „Боран“, со кои веќе се извршени првите гаѓања на полигонот Криволак. Армијата набавува и системи за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“, чија испорака се очекува до крајот на годината, со цел подобра заштита од воздушни закани. Во воздухопловството, во тек е договорот со италијанската компанија „Леонардо“ за осум нови хеликоптери вредни 249 милиони евра. Ова е најголемата инвестиција во авијацијата досега и ќе ја зајакне мобилноста и спасувачките способности на Армијата.Дополнително, потпишани се седум нови договори со САД за набавка на опрема за специјалните сили, беспилотни летала, кибер-заштита и лесно пешадиско оружје. Овие набавки ја прават Армијата поефикасна и подготвена за брзо реагирање во секој момент, нагласува Србиновски.

Планот за следните години, според аналитичарот, е Македонија да инвестира околу 900 милиони евра во модернизација до почетокот на 2030-тите. Целта е постепено да се замени старата источна опрема со современи западни системи и целосно усогласување со стандардите на НАТО.

-Со овие чекори, Македонија ја покажува својата сериозност и посветеност. Иако е мала држава, вложува во вистинските приоритети – подготвена армија, модерна опрема и добро обучени луѓе. Наместо симболични потези, државата вложува во конкретни способности што ја прават доверлив и подготвен сојузник во рамките на НАТО. Нашите инвестиции можеби се скромни во апсолутни износи, но се стратегиски прецизни и во согласност со глобалните трендови – со фокус на обука, интероперабилност и човечки капитал, подвлекува Србиновски.

Дали НАТО е чадор – и дали Македонија може да ѝ ја препушти безбедноста целосно?

Аналитичарот тврди дека НАТО останува главниот гарант на колективната безбедност, но светот веќе не функционира на принципот дека големите сојузници ќе ја покриваат целата територија и одговорност. Според него, новиот буџетски предлог на ЕУ, кој ја става одбраната во сржта на мултигодишната финансиска рамка, покажува дека европските земји – вклучувајќи ги и кандидатите – ќе мора да развиваат сопствени капацитети.

-Во вакви услови, Македонија не може да биде пасивен примател на заштита. Нашата улога мора да биде активна: да градиме интероперабилни сили, сигурна инфраструктура, сопствени резерви и национални командни системи што ќе можат да функционираат во рамките на сојузничките операции. Само така можеме да бидеме кредибилен партнер, а не слабата алка во безбедносниот ланец,

„Купола“ како Србија – или слоевита реалност?

Српскиот модел на „купола“– систем што се потпира на руска и кинеска технологија за противвоздушна одбрана – стана главен елемент во стратегијата на Белград за „воена неутралност“ и самостојна одбрана. Србиновски оценува дека во само неколку години, Србија направи голем напредок: од армија со застарена опрема до сила која денес може да се мери со Грција, а во некои сегменти и со Турција.

-Српскиот успех се темели на политичка одлучност и големи вложувања. Белград набави Панцир-С1 од Русија, ФК-3 од Кина – систем што нуди можности слични на С-300 – и одржа заеднички вежби со супер модерниот ракетен систем С-400, што испрати порака дека Србија се стреми да стане воена сила од европски ранг. На последната воена парада тоа се виде јасно: модернизирани тенкови, домашни дронови, долгодострелни ракети и уредна организација што остави впечаток дека Србија има капацитет каков што другите држави во регионот сè уште немаат, истакнува тој, додавајќи дека патот на Македонија е поинаков.

-Иако нашите држави се блиски и пријателски поврзани, ние немаме ниту финансиски, ниту геополитички простор да ја следиме таа логика. Нашиот годишен буџет за одбрана е околу 330 милиони евра, додека само еден систем како С-400 би чинел над милијарда долари, со дополнителни стотици милиони за одржување. Тоа е трошок што би ја блокирал целата модернизација на Армијата.

Наместо тоа, Македонија избра поразумен и сојузнички пристап – постепено јакнење на националната одбрана во рамките на НАТО. Нашите блиски пријатели во Србија може да се гордеат со својата сила, но Македонија гради стабилност преку партнерства. Наместо „купола од челик“, ние треба да создаваме нашата „купола на доверба“ – модерна, усогласена со НАТО и прилагодена на реалноста во која живееме, заклучува Србиновски.

Н.П.

Слични содржини