Денес, Албанија го отвори последниот Кластер во преговорите со ЕУ на Седмата меѓувладина конференција во Брисел. Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Албанија е најдобар пример за трансформативната моќ на процесот на проширување и дека претставува инспирација за земјите од Западен Балкан, додека албанскиот премиер Еди Рама изјави дека земјата постигнала апсолутен рекорд со отворање на сите поглавја за 14 месеци.
Напредокот на Албанија, која во 2009 година поднесе барање за членство во ЕУ, претходно беше поврзан со Македонија, но се одвои на патот кон Унијата во септември 2024, по одлуката да почне преговори за членство по кластери. Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го извештајот на Европската комисија за 2025 година, изјави дека не може да се сложи со констатациите дека некои други земји од регионот се пред Македонија, при што директно ја посочи Албанија. „Не можам да се сложам со констатацијата дека има некои други земји кои што се пред нас. На пример, ние сме многу пред Албанија условно кажано дури во 8 области сме пред Албанија, иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа“, рече Мицкоски. Тој потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи и дека тој е апсолутно фокусиран на реформите.
Иако кај дел од јавноста се остава впечаток дека дел од Владата се обидува да го „минимизира“ успехот на Албанија, аналитичарот велат дека не гледаат причина за такво нешто. Напротив, вели политичкиот аналитичар, Џенур Исени, секоја држава од регионот што прави исчекор кон ЕУ го олеснува процесот за сите нас.
-Албанија го отвора последниот кластер затоа што нема билатерални блокади и затоа што во континуитет ги реализира европските реформи. Македонија, и покрај фактот што е оценета како напредна во повеќе области, остана заглавена во политички условувања што немаат врска со квалитетот на реформите, туку со историски и идентитетски спорови наметнати од Бугарија, вели Исени во разговор за „Локално“,

Џенур Исени
Според него, влегувањето на Албанија пред Македонија нема да создаде геополитички драматични последици, но ќе значи јасен сигнал дека државите кои немаат билатерални блокади ќе се движат побрзо од оние кои се заложници на спорови.
-Ова би требало да биде аларм за Македонија да се фокусира на внатрешни реформи и регионална соработка, а не на политички реторики. Што се однесува до тезата дека ‘некои ќе одат со Бугарија, некои со Албанија’, тоа е чисто политичка шпекулација. Процесот на проширување е индивидуален, секоја држава напредува според сопствените перформанси, истакнува аналитичарот.
Тврди дека ниту Македонија ќе се движи со Бугарија, ниту Албанија треба да ја чека Македонија.
-Најважно е да се разбере дека европската интеграција не функционира како национален блок-пакет, туку како процес на исполнување стандарди. Нашата обврска е да испорачаме реформи, а не да се мериме со соседите, дециден е Исени.
За аналитичарот Енвер Салихи, кога една земја има визија, волја и политичко единство, тогаш вратата кон Европа се отвора силно и без двоумење. Вели дека е горд што Албанија оди напред, фаќајќи го европскиот ритам и докажувајќи дека конкретните реформи носат вистински резултати.

Енвер Салихи
-Што се однесува за нашата земја… колку побрзо политичките елити го стават државниот интерес над партискиот интерес, толку побрзо ќе се движиме кон Европската Унија.
Овој момент треба да ни послужи како потсетник на сите нас дека секојдневните пресметки и политичките игри само го држат нашиот европски сон како заложник, истакнува Салихи, додавајќи дека Европа не чека и мора да избереме – или да одиме напред или да останеме заложници на самите себе.
Според еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ова е посебен ден не само за Албанија, туку и за Европската Унија, бидејќи покажува дека процесот функционира.
„Овој успех немаше да биде можен без посветеноста на надворешната политика на Албанија и без силната посветеност на сите земји членки на европската унија да го поддржат напредокот на Албанија. Успехот на Албанија е резултат на властите кои работеа со невладините организации и со засегнатите страни во имплементацијата на важните реформи и тоа е резултатот на барањата на албанските граѓани кои сакаа промени и ги поддржаа промените. Албанија е најдобриот пример за трансформирачката моќ на проширувањето.“, изјави Кос.

Фото: Принтскрин
За албанскиот премиер, Албанија го постигнала невозможното. Рама очекува членство во ЕУ во 2030 година.
„Кој би помислил дека ќе бидеме тука денеска, отворајќи ги сите кластери. Тоа беше нешто што се чинеше толку невозможно и ние бевме дојдени до точка каде се навикнавме на уназадувања, но јас верувам дека целото ова патување не направи посилни, посвесни за овој процес и посозреани. Еве сме тука денес стоиме пред тоа што до пред година ни беше само сон, а сега се разви во работен план, реалност во која мораме да работиме во секојдневниот живот.“, изјави премиерот на Албанија.
Албанија има амбиции да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година. По ова би следела процедурата за ратификација на договорот за членство од страна на државите од Унијата, што трае 18 до 24 месеци, по што земјата се надева дека би можела да стане членка на ЕУ во 2030 година. Албанија доби кандидатски статус во 2014 година. До тогаш, Албанија беше во „пакет“ со Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
Според Преговарачката рамката усвоена во јули 2022 година, Македонија мора да спроведе уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот, заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите и другите малцинства како „дел од етничките групи кои живеат во земјата“.
Во заклучоците на Европскиот совет во декември 2023 стои дека – Европската Унија е спремна да ја заврши почетната фаза на преговорите за пристапување со Македонија веднаш штом ќе ја исполни својата обврска да ги заврши уставните промени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет постојано ја повикува Македонија да го забрза завршувањето на овие промени.
Македонија доби статус на кандидат во декември 2005 година.
Инаку, Грција претходно две децении беше насочена на блокирање на Македонија во нејзините европски и евроатлантски интеграции, а по потпишувањето на Преспанскиот договор, таквата опструктивна улога ја презеде Бугарија.