Профитите на компаниите растат, а стандардот на граѓаните се топи

Инфлацијата не запира, а граѓаните не можат глава да кренат од постојани поскапувања на цените на храната. Засега Владата јасно им даде до знаење дека не размислува да носи мерки за заштита на стандардот на граѓаните, кои ги остави со ниските плати и пензии сами да се борат против високите цени.

од Vladimir Zorba
30 прегледи Фото: ChatGPT

Инфлацијата не запира, а граѓаните не можат глава да кренат од постојани поскапувања на цените на храната. Засега Владата јасно им даде до знаење дека не размислува да носи мерки за заштита на стандардот на граѓаните, кои ги остави со ниските плати и пензии сами да се борат против високите цени.

Економските експерти коментираат дека цените не растат поради зголемената потрошувачка и поради платите, туку поради други фактори кои придонесуваат за раст на профитите на фирмите. Доколку не се зголемат платите и не порасне потрошувачка ќе се доведе во прашање и понатамошниот економски раст на државата.

-Оваа најнова епизода со инфлацијата, од последните неколку месеци, најдобро покажува што ја прави инфлацијата кај нас. Од март оваа година, кога стапи на сила ограничувањето на цените на оние 100-ина производи, до сега, вкупните цени во државата се покачија за околу 4 отсто. Во истото време, платите пораснаа за околу 1 отсто. Јасно е дека цените не растат поради платите, туку поради нешто друго. А тоа друго, кое Владата упорно се прави дека не го гледа, се профитите на фирмите, кои растат секогаш кога ќе престанат цените да се регулираат, изјави за „Локално“, економскиот експерт Бранимир Јовановиќ.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ

Според него, единствениот начин да се заузда растот на цените – не да се намалат, бидејќи тоа нема шанси да се случи, може само да се задржат на сегашното ниво – а тоа е да се ограничат од страна на државата. Го видовме тоа многу пати изминатите три години, последно во март. Тогаш, кога Владата ги ограничи цените инфлацијата падна од 5 отсто во февруари на 2,7 отсто во март. Ако можеше да го направи тогаш, може и сега, но прашање е дали сака, односно, дали им е поважен животниот стандард на луѓето, или им се поважни профитите на фирмите.

-Околу платите, тие мора да растат, доколку сакаме да не страда животниот стандард на луѓето. Од март до август, реалната плата во државата е намалена за околу 3 отсто, затоа што овој раст на цените од последните неколку месеци, не е следен од раст на плати. Тоа е големо намалување за таков краток период, и ако не се покачат платите наскоро, тоа ќе остави последици и по економскиот раст – луѓето помалку ќе трошат, пошто платите помалку и вредат, што ќе ја забави и економската активност. Така што, прашањето за растот на платите не е само социјално прашање и прашање за животниот стандард, туку е и прашање за тоа дали сакаме да имаме економски раст или не, вели Јовановиќ.

Последните стстистички податоци покажуваат дека имаме повторно зголемување на годишното ниво на инфлација во споредба со истиот период лани. Ваквата состојба, кумулативно, значително го нагризува стандардот на граѓаните. Од друга страна, просечните плати на хартија растат побрзо од цените, но тој раст е нерамномерен и последниве месеци забавува.

-Сведоци сме дека во последниве неколку месеци нема конкретни и одржливи мерки кои би требало да ја забават инфлацијата, а да го поттикнат растот на платите. Тогаш кога ги има тие се фрагментирани, краткорочни и недоволно таргетирани за да го решат проблемот на домаќинствата со ниски и средни приходи. Централната банка води претпазлива монетарна политика и очекува инфлацијата до крајот на годината да биде околу 3,9 отсто, со постепено приближување кон 2 отсто на среден рок, при непроменета основна каматна стапка од 5,35 отсто. Фискалната политика, пак, според оценките на меѓународните институции, има ограничен простор поради високиот дефицит и зголемените тековни трошоци, особено за плати и трансфери. Така што, во следниот период не треба да се очекуваат некакви драстични промени на политиките и состојбата со овие два параметри, изјави за „Локално“, Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Виктор Митевски; Фото: Локално

Тој смета дека наместо да се фокусираме на коментирање за месечните стапки на раст или пад на инфлацијата, политиките треба да се префрлат на три клучни прашања: како да се ограничи кумулативниот удар врз домаќинствата со ниски приходи, како да се осигураме дека растот на платите оди во насока на обезбедување на достоен приход за живот и како да се усогласи фискалната и монетарната политика така што инфлацијата ќе се врати кон целта без дополнително да ја еродира куповната моќ на граѓаните.

Б.С.