Како што само некои Ескими или од славно струшко Ташмаруништа можеби поверувале дека фотографиите на насмеаните Маја од сдсм и Сотир од дпмне (кој во меѓувреме стана градоначалник на Карпош како што и предвидов, со што многу луѓе го изгубија облогот со мене за тоа) на неколку дена пред изборите се случајни, така некои од Гватемала или Могила може ќе поверуваат дека случајно некој советник од сдсм гласал за мнозинство во советот на дпмне мицковистичко во Карпош а не по сугестија на некои главни во заево-венково сдсм. Како што само некои од Буркина Фасо може поверуваа дека снимката од познатата Харис Џиновиќ Дубаи-журка на Заев и Венко случајно се појави во медиумите, така само и некои евентуално од Тринидад и Тобаго можеби ќе поверува дека случајно се појавија во јавноста фотографиите од палубата на луксузната јахта на Медитеранот со Заев, Венко и новиот потпретседател на сдсм, популарниот несуден градоначалник на Аеродром со прекар Коска ( му го заборавам името), кој од политика разбира веројатно помалку дури и отколку што јас разбирам трауматологија. Не се папараци фотографии, или дел од шпионски извештаи, туку намерно, свесно и осмислено испраќање пораки – во наведените случаи, мошне успешно бидејќи се постигна очекуваната цел со тие фотографии – Сотир стана градоначалник и дпмне има мнозинство во советот на Карпош, СДСМ доживеа катастрофален пораз на изборите а за Коска додуше не знам, иако има една можност на која ми текнува околу размена на гласови ама тоа сепак не успеало и не може плаузибилно да се тврди – но можно е, како утешна награда што не успеал бараниот дил, Венко го стави за потпретседател. И така, што вели нашиот народ, и волкот сит и овците на број – ем Заев на јахта и во Дубаи ем ДПМНЕ мицково со апсолутна власт во мициленд.
Нема случајности во битни работи и настани во политиката, посебно не во мициленд. Од 2016-2017 година политичкиот реалитет и дискурс во мициленд континуирано е во пад на сите свои аксиолошки аспекти. Таа банализација на политиката, тој простотилак што започна во времето на шарената револуција а дпмне со текот на годините го усоврши до перфекција се огледува и во фактот дека никаде во светот денес, дури ниту во Етиопија или Никарагва нема толку многу валкани политички игри, лаги, лицемерие, тајни договори. За среќа, барем во еден случај, благодарение и на мене за што сум посебно горд, од тие (порано) тајни договори – денес се јавни, факт на јавниот дискурс, односно нивната содржина барем делумно стана позната и може да се третира како непобитна политичка реалност. Некои елементи успешно станаа реалност, на пример, цело Скопје сосе Карпош а некои злобници велат и сосе Центар стана „вмровски град“, други ги детерминираа процесите, трети помалку – на пример, се исфрли дуи од релевантниот политички дискурс но за возврат има политичко слугување на дпмне мицково кон влен, и бизарен однос на Касами кон големи вмро-вки министерки.
Само еднаш, повторувам заради значењето, само еднаш во мојата веќе 15-годишна колумнистичка дејност (од Нова Македонија преку Дневник до различни весници-електронски портали) ми се има случено да ми биде одбиен текст-колумна за објавување. Тоа беше пред отприлика две години, многу време пред кобните избори на 8 Мај 2024 година, кога пишував за коалицијата дпмне-сдсм. Се разбира, за разлика од денес, тогаш таа тема беше табу, иако веќе имаше информации од дуи и по некоја анализа во таа насока како на пример текстовите на Плусинфо и Героски. Иако го објавив тој текст на друг електронски портал и таму и ден денес може да се најде (puls24.mk.коалиција СДСМ-мицковистичко ДПМНЕ) со самото тоа што за првпат ми се случи такво нешто во 15 години интуитивно добив потврда дека не сум далеку од вистината. И времето го докажа тоа на најсвиреп начин – ниту бев, ниту сум во грешка во врска со договорот Заев-Мицкоски, впрочем оттогаш до денес за тоа веќе се напишаа десетици па и стотици текстови и се дебатира на многу емисии. А беше и е мошне просто – нема друго рационално и логичко објаснување за многу фактите и процеси освен дека станува збор за договор – на пример, во тоа време, фактот дека сдсм изгласа покачување на функционерските плати за скандалозни 78 проценти, изгласале промена на закон за пуштање на затвореници со само еден потпис на доктор на лист хартија наместо конзилијарно мислење, изгласаа измени на КЗ наспроти спротивставувањето на ЕУ што е незамисливо ако не е дел од договор а со што се прекинаа бројни активни судски процеси на функционери на дпмне мицково, и многу други работи. А за возврат заево сдсм очекувале да се формира широка, голема коалиција и влада, како што потврди и Фрчковски а претходно и Героски. Се рабира, тој или тие што го правеле договорот биле многу наивни кога воопшто и помислиле дека дпмне ќе ја пропушти можноста за апсолутна власт и ќе им даде неколку министри; па, нашиот народ не за џабе рекол „со џамбази пазар не се прави“. Маката е дотолку поголема што, наспроти тврдењето на Фрчкоски дека тој договор на сдсм заево со дпмне мицковистичко завршил во Јули годинава, јас мислам дека тој сеуште важи односно е актуелен. Всушност, секој аспект на реалноста го докажува тоа. Тоа мислење (за мене лично факт) е втемелено на неколку објективни индикатори и факти кои не можат поинаку рационално и логички да се објаснат – на пример, тоа дека наместо Ралев на кого лично Венко му понудил да биде кандидат за градоначалник на Скопје и кој сигурно ќе беше сериозен кандидат со големи шанси за победа наеднаш, преку ноќ, ја ставија некоја си Шукова и која потоа, замислете го тој апсурд што повторно ја потврдува мојата теза за договор, изгуби дури и од левица што е еднакво на виц; потоа случајот Струмица кога од готово направија вересија, веќе споменатиот случај Карпош кога според бројките во вториот круг многу членови на сдсм сигурно не-случајно гласале за Сотир т.е. дпмне, не-соработка со дуи наспроти политичките сијамски близнаци дпмне-влен, гласањето на советниците на сдсм за ребаланс на буџетот за град Скопје со кои се предвидени стотици партиски вработувања, итн.итн. Дури мислам и дека оставката на умната и шармантна потпретседателка на сдсм (која се надевам дека нема да биде прифатена од партиските органи) Ана Чупеска е во тој контест на намерно слабеење на сдсм – па, Ана и Фани се единствените две личности во кои имав надеж за какво-такво засилување на СДСМ со цел ослободување од диктатурата во мициленд. Не е можно сето тоа да е грешка или незнање како што едно време и самиот сакав да мислам – туку е поверојатно дека е нов дел од договорот меѓу Заев и Мицкоски, кои ете, толку очигледно, сеуште важи и се надградува и проширува. Не, сето тоа не се грешки од незнаење туку намерни „грешки“, а намерни грешки не се грешки.
Сепак, и покрај сиот очај на „политиката“ во мициленд, надежно е тоа дека се повеќе членови и функционери на сдсм стануваат свесни за погубните последици од тој договор, а не само ние, обичните кутри жители во мициленд. Андреј Петров и Костадин Ацевски и некои други додуше зборуваат повеќе за перцепции (Андреј Петров „СДСМ мора да ја смени перцепцијата дека работи во интерес на вмро-дпмне“, Костадин Ацевски „се создаде впечаток во јавноста дека сме само приврзок на владејачката партија“), но нејсе, и тоа е нешто, прв стадиум на развој на апсолутното спознание за реалноста на договорот што создава пекол на земјата наречена мициленд. Да ги поучам Петров и Ацески нешто околу основните принципи на гносеологијата – имено, договорот не е перцепција туку факт, емпириски верификуван многупати. Перцепцијата зависи од фактите (освен ако не сте солипсист како Џорџ Беркли), во спротивно е илузија или фатаморгана, или измислица. А договорот не е илузија. Ако сакате да ја смените перцепцијата, сменете ги фактите кои се основа на таа перцепција. Дезаевизацијата на сдсм е услов без кој не се може воопшто во смисла на спротивставување на режимот, на диктатурата на дпмне мицковистичко – се додека Заев е главен во СДСМ, дали директно дали индиректно преку Венко сеедно е, тешко дека има шанси за промена на тие факти и перцепција, дека сдсм намерно и договорено губи за режимот да има апсолутна власт.
Мициленд денес со тој договор многу потсетува на времињата на режимот на Тито и ССРН (Социјалистички сојуз на работниот народ), односно СВОЗ (Сите во одбрана и заштита – на режимот на дпмне, заб.Т.Н.) – така некако се денес и сдсм заево-венково и мицковистичко дпмне, сите заедно против обичниот народ во најсиромашната држава во Европа. Како што Тито ги остави нашите под напалм бомби на Грамос и Вичо, така и Заев-Венко не оставија под јаремот на диктаторскиот режим. Но ако Тито барем им направи каква-таква болница на ранетите нашинци од ДАГ во Катланово, Заев-Венко ниту тоа не го прават, не оставаат ниту најмало засолниште од кое може да се организира отпор и праведна борба за слобода и демократија. Затоа мициленд е полошо место за живеење дури и од Титова Југославија – сиот мициленд е нашиот Голи оток.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.