Адамчевски: Украина ќе мора да остане без територија – од мировниот план со 28 точки, речиси 25 се прифатливи за двете страни

„Најбитни се точките за членството на Украина во НАТО, за териториите и рускиот јазик и Црквата“: Што ќе донесе ревидираниот мировен план и дали Москва ќе го прифати?

од Nikola Popovski
9 прегледи Мирче Адамчевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

САД и Украина се согласија на „ревидирана мировна рамка“ по преговорите во Женева за завршување на војната со Русија. Во заедничко соопштение објавено од Белата куќа, страните истакнаа дека дискусиите биле продуктивни и дека секој договор мора да го почитува суверенитетот на Украина.

„Двете страни се согласија дека консултациите беа многу продуктивни. Дискусиите покажаа значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори. Тие потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да обезбеди одржлив и праведен мир. Како резултат на тоа, страните изготвија ажурирана и усогласена мировна рамка“, се вели во соопштението од Белата куќа.

Заедничкото соопштение го продолжи оптимистичкиот тон на американскиот државен секретар Рубио кој по дискусиите во Женева истакна дека многу скоро може да се постигне договор. Тој го ублажи рокот на Трамп за Украина да го прифати мировниот план до четврток, нагласувајќи дека тоа сега е второстепено. Откри дека главната цел на дискусиите била да се стеснат отворените точки од американскиот план, одбивајќи да навлезе во деталите.

„Нема да навлегувам во деталите за прашањата, некои од нив се деликатни и бараат повеќе време за решавање, некои се однесуваат на семантика, други на одлуки на повисоко ниво. Ова е „жив документ“ кој еволуира и се менува секој ден. Имаше прашања за улогата на ЕУ и НАТО, кои ќе треба да се дискутираат со европските земји. Има отворени точки кои не се непремостливи, но за кои ќе треба повеќе време“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Секој конечен договор ќе треба да биде одобрен од украинскиот и американскиот претседател пред да и биде доставен на Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека има „сигнали дека тимот на претседателот Трамп ги слуша“.

Дали Украина сепак ќе мора да го „проголта“ губењето на територии и што тоа би значело?

Протечениот план на Трамп предизвика загриженост кај Киев и Западот поради усогласеност со тврдокорните барања на Москва, вклучително ограничување на украинската војска и откажување од Крим, Луганск и Донецк. Брисел останува на ставот дека секој мировен план мора да го почитува правото на Украина да ја избере својата судбина, вклучувајќи го и членството во Унијата. Рускиот претседател Владимир Путин претходно оцени дека планот може да биде основа за мировно решение, но предупреди дека Русија ќе напредува ако Киев одбие преговори. Во планот на Трамп од 28 точки се прецизира суверенитетот, реконструкцијата, политичкиот статус и безбедносните гаранции. Меѓу другото, Украина мора да организира избори 100 дена од прекинот на огнот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

За дел од домашната јавност, реалноста е таква што води кон решение со кое што Украина ќе мора да изгуби територија. Според аналитичарот, Мирче Адамчевски, можеби не е во онаа форма предвидена со планот, но можеби ќе најдат некое креативно решение кое ќе биде прифатливо.

-Териториите се изгубени кои сега се дел од рускиот Устав и останува делот на Донбас, околу 20% од Доњецката област. Прашањето е дали тие ќе се ослободат? Планот е од 28 точки. Обично кога се прават планови со многу точки, внатре има 2-3 кои што се најбитни. Од тие, 25 сигурно се прифатливи за обете страни. Останува прашањето за членството на Украина во НАТО, за териториите и рускиот јазик и црквата. Мислам дека на тие прашања најмногу отпор ќе даваат Украинците и тука ќе биде насочен притисокот на Американците врз Украина во продолжувањето на преговорите, вели Адамчевски во анализа за „Локално“.

Смета дека нема да има дестабилизација во Европа затоа што, како што вели, ова што сега се случува, голема вина има и кај Европа и НАТО, а беа пропуштени неколку шанси уште во 2014-2015 година кога беа постигнати Минските договори со кои што на Украина и се нудеше задржување на целиот територијален интегритет и суверенитет, но со помош на Франција и Германија кои што беа дел од Минската група.

-Минските договори не се спроведоа – требаше да се даде автономија на Русите кои живеат во тој дел на Донбас. Ако тогаш се спроведеше потребното, немаше денеска да зборуваме за милиони жртви, за територијални загуби, за прошируање на НАТО…, наведува соговорникот, додавајќи дека се зависи од тоа што Американците ќе му испорачаат на маса на рускиот претседател односно да види што ќе се договорат САД и Украина.

-Потоа сето тоа ќе биде пратено до Москва, од каде што во основа велат дека е добар план и за отворање на дебата. Мислам дека ќе се согласи Русија на мировниот план, иако се зависи што ќе биде во него. Русија го притиска Трамп врз основа на дијалогот што го имаа на Алјаска кога се договорија дека Украија треба да ослободи територија и да не биде членка на НАТО. Гледам и варијантите што ги прават Американците се се вртат околу овие прашања да бидат прифатливи за обете страни, потенцира Адамчевски.

Според него, и на Русија не и се војува и земјата полека исцрпува економски и човечки.

-Би им било добредојдено на Русите да прекине војната, иако тие велат дека доколку Украина не го прифати планот, тогаш ние продолжуваме да настапуваме. Знаеме дека Русија е во офанзива на источните делови, бавно одат, но постепено се движат и освојуваат делови. Тоа им го кажуваат и експерти на Украина дека колку што продолжува војната, таа само ќе губи територии и луѓе, доколку Америка или Европа максимално не почнат да и помагаат. Со тоа и војната ќе се одолговлекува, заклучува познавачот на воените состојби.

Мировни преговори во Женева/Фото: Принтскрин/Јутјуб/Bloomberg Television

Од ЕУ ги поздравија напорите за долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласија дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците. Брисел останува на ставот дека секој мировен план мора да ја почитува правото на Украина да ја избере својата судбина, вклучувајќи и членство во ЕУ.

„Сакаме да се осигураме дека Украина ќе може да зборува за овие точки од силна преговарачка позиција и дека Украина ќе биде таа што ќе треба да одлучи какви компромиси ќе направи“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.

Една од точките во планот предвидува Вашингтон и Москва да потпишат долгорочен договор за економска соработка, санкциите да бидат укинати, а Русија ќе биде поканета повторно да се приклучи на Г8.

Денеска беше објавено дека украинските војници на фронтот реагирале на нацрт-предлогот за мир на САД со мешавина од пркос, гнев и резигнација, покажуваат дговорите што војниците ги испратијле до Би-Би-Си преку социјалните медиуми и е-пошта откако деталите за првичниот план беа објавени минатата недела.

Украина сè уште контролира околу 15% од Донбас, клучен стратешки регион кој е во фокусот на руските амбиции со години. Но, оригиналниот американски нацрт повикува на предавање на целиот регион, вклучувајќи ги и областите што украинските сили успешно ги бранат речиси четири години.

„Нека го земат“, истакнал еден од војниците. „Речиси никој не остана во градовите и селата… Не се бориме за луѓе, туку за земјата, додека губиме уште повеќе луѓе“.

Андриј, офицер на Генералштабот, признава дека предавањето на регионите Луганск и Донецк е „болно и тешко“, но верува дека Украина можеби нема избор. „Можеби не сакаме да се откажеме, но нема да можеме да го одржиме со воена сила и ресурси.“

Други борци го мислат спротивното. Матрос, кој се бори од 2018 година, вели дека предавањето на Донбас „би поништило сè, сите жртви, целиот напор, сите мртви војници и цивили“.

Оригиналниот американски нацрт-договор предвидува Украина да ги намали своите вооружени сили на 600.000, значително помалку од денешните повеќе од 800.000 војници, но сепак повеќе отколку пред руската инвазија во 2022 година.

Н.П.