Проф. Крстаноски за „Безбеден град“: Праг на толеранција не се дава за да возачите возат со поголема брзина од дозволената, туку за да се елиминира евентуална опасност од неточно мерење од мерните инструменти

Дали ќе се казнува и ако возите со 51 и 52 на час: „Во најголем број земји од Европа, прагот на толеранција е 3 км/час за брзини помали од 100 км/час или 3% за брзини над 100 км/час“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Тера

Почна пробниот период за системот „Безбеден град“ (Safe City) за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци. Пробниот период е предвиден до Нова година, кога возачите ќе добиваат само предупредување за сторените прекршоци, без изрекување казни, а од јануари идната година системот ќе почне целосно да се применува. Сопствениците на возилата чиешто прекршување ќе биде документирано, ќе добијат СМС и е-пошта известување со линк, на кој ќе се може да се преземе записник и платен налог. Од моментот на приемот, тече рокот од осум дена за плаќање половина од сумата на казната. По истекот на тој рок, износот мора целосно да се плати во следните осум дена, пред да почне постапката за присилна наплата. Казните ќе можат да се плаќаат и електронски, а системот веднаш ќе ја известува полицијата дека глобата е платена.

Социјалните мрежи и секојдневните разговори се темелат на тоа, колку прекршоци се направени во текот на денот. Секој возач треба да знае дека 50 е најголемата дозволена брзина во населено место, но има одредени места каде треба да биде и помала, особено во близина до училиште или градинка. Се уште многу непознаници и дилеми околу системот, чии предлог – измени на законите допрва треба да поминат во Собранието.

Според професор д-р Никола Крстаноски од Отсекот за сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола, апсолутно крајно време беше да се воведе ваков систем кој треба да стави крај на повеќедецениското масовно непочитување на сообраќајните прописи и правила и состојби на неказнивост. Во разговор за „Локално“ вели дека данокот во крв е преголем.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

-Искуствата од понапредни и подемократски земји, но и искуствата кај нас, јасно покажуваат дека само кампањи и препораки не даваат никакви ефекти. Наспроти тоа, овие системи имаат изразито позитивни резултати. Ако има некои технички недостатоци на системот кај нас, затоа има преоден пробен период, и тие недостатоци ќе се отстранат, објаснува професорот.

Властите велат дека ако се вози и 50,5, км на час на места каде што е предвидено 50, ќе следуваат казни. Од сите приговори кои можат да се слушнат во јавноста, според Крстаноски, единствено стои потребата со системот „Безбеден град“ да се предвиди праг на толеранција.

-Овој праг на толеранција не се дава за да возачите возат со поголема брзина од дозволената, туку за да се елиминира еветуална опасност од неточно мерење на брзината од мерните инструменти. Во најголем број земји од Европа тој праг е 3 км/час за брзини помали од 100 км/час, или 3% за брзини над 100 км/час, појаснува проф. Крстаноски.

Околу дел од полемиките дали самиот систем може да им пречи на возачите, со тоа што сега повеќе од страв гледаат во брзината, а помалку во сообраќајот и дали тоа може да предизвика поголем проблем, соговорникот тврди дека овој аргумент е само обичен изговор. Според него, ниту едно истражување до сега не покажало дека ако возчаот повремено за кратко погледа на брзинометарот дека тоа одзема доволно големо внимание за да не се следи сообраќајната ситуација.

Од МВР информираа дека минатата година имавме околу 78 жртви на милион жители, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек. За Крстаноски, состојбите со сообраќајот во Македонија во смисла на масовно непочитување на сообраќајните правила и прописи се толку лоши, што би требало на секој граѓанин да му се додели по еден полицаец.

-Секако дека засилена полициска контрола и посебно ставање акцент на контрола на црните точки е дел од вкупните напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот, но можностите на полицијата да се справи со оваа масовност на самоволие во сообраќајот се ограничени, заклучува Крстаноски.

Фото: МВР

Македонија се наоѓа при врвот на светската листа на жртви од сообраќајни несреќи со смртен исход. Годинава, во сообраќајни несреќи загинале 145 лица. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на Националната конференција за безбедност во сообраќајот. Од МВР укажуваат дека искуствата од други земји покажуваат оти кога се ставиле во функција камерите, во рок од 6 месеци драстично опаднал бројот на сообраќајни прекршоци откако граѓаните се увериле дека државата сериозно казнува.

На 28 август, министерот кажа дека казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните за прекршоците регистрирани со камерите, предвидени со измените на Законот за безбедност во сообраќајот.

Надлежните најавуваат изградба на безбедна патна инфраструктура и поставување соодветна сигнализација, со цел бројот на жртвите да се намали за најмалку 50 проценти до 2030-та година, со тенденција да се стигне и до 0 жртви до 2050 година. Во првите 24 часа, камерите на „Безбеден град“ регистрирале дури 110.000 прекршоци, од кои околу 5.000 биле за непочитување на црвеното светло на семафорите.

-Апсолутна поддршка за воспоставувањето на системот безбеден град и негово проширување низ цела Македонија, изрази премиерот Христијан Мицкоски. Вели, бројот на жртвите во сообраќајни несреќи во земјава е алармантен.

Странец, како и државјанин на Република Македонија кој што со заминување заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата.

Прекумерната брзина, поминувањето на црвено светло, зборувањето на мобилен телефон и некористењето сигурносен појас се меѓу најчестите причини за тешки сообраќајни несреќи. Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.

Во меѓувреме, скопјани интензивно бараат начини да избегнат санкции од системот, па поради тоа нагло се зголеми бројот на преземања на апликацијата „Waze“, достапна за уредите со „Android“ оперативен систем и за „iOS“, која им нуди увид во сите камери што го мерат сообраќајниот прекршок. Граѓаните велат дека ова им е најбрзо и најсигурно решение додека „Безбеден град“ е сè уште во тест-фаза и до 1 јануари испраќа само опомени.

Н.П.