Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава, Тимчо Муцунски, одржа работен состанок со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, соопшти Министерството за надворешни работи.
Разговорите опфатија теми поврзани со улогата на САД во стабилноста и развојот на Западен Балкан, со акцент на соработката во рамките на НАТО и нејзиното значење за колективната безбедност.
„Ги потврдивме блиските и пријателски односи, како и силната и конструктивна соработка со САД како наш стратешки партнер. Разменивме мислења за потенцијалот за понатамошна соработка и ја потврдивме подготвеноста за нејзино продлабочување. Разговаравме за улогата на САД во стабилноста и развојот на Западен Балкан. Акцент ставивме и на соработката во рамките на НАТО и нејзината важност за колективната безбедност. Го потенцирав нашиот придонес во Алијансата и конзистентното делување како конструктивен фактор во регионот.“, соопшти Муцунски по повод средбата.