Лидерот на ДУИ, Али Ахмети нема да се откаже од претседателската фотелја на партијата, и покрај лошите резултати што партијата ги бележи на последните изборни циклуси. На конгресот на ДУИ што се очекува да се одржи на 20 декември, единствените промени што се очекува да се случат се во Генералниот совет на партијата.
Потпретседателот на интегративците, Арбер Адеми, денеска рече дека на конгресот ќе има одговорни одлуки во согласност со барањата на јавноста.
„На овој конгрес сигурно ќе имаме реизбор на Али Ахмети за лидер на партијата. Сигурно ќе имаме и избори за членови на Генералниот совет на ДУИ, а потоа ќе дојдат и изборите на другите органи од други тела. Од Генералниот совет ќе се изберат членовите на Централното претседателство на ДУИ. Во ДУИ има многу луѓе кои оставиле важни траги не само во партијата, туку и во сите процеси“, изјави Адеми на прес-конференција.
Потпретседателот на ДУИ потенцира дека има единство во нивната пратеничка група во Собранието.