Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска порача дека како партија уште пред неколку месеци, предупредувале од опасноста со мигрантите и опасноста, според него, доаѓа од Владата и нивните тајни преговори и договори.
-Кога првпат ги спомнавме овие тајни преговори, а тоа беше потврдено преку пишувања во странски медиуми, веднаш скокнаа против патриотите од ВМРО-ДПМНЕ. Велеа дека лажеме и смислуваа кампања против мене и функционери од партијата. Во последните неколку дена излегоа информации со детали за што е разговарано по прашањето со мигрантите од Британија. И според овие пишувања во британските медиуми, дознаваме дека според разговори, мигрантите треба да бидат интегрирани и присутни на нашиот пазар на трудот, осовено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Има детални информации дека Велика Британија ќе ѝ исплаќа на Македонија 20 илјади фунти по депортиран мигрант, согласно новиот Договор за повратни центри. Сето ова македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е недозволиво и скандал од невидени размери, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Лидерот на СДСМ прашува „како ние ќе се справиме со мигрантите, кога и развиените земји тешко се справуваат со проблемот“. Филипче тврди дека ЕУ ја менува политиката и ги заострува мерките за мигрантите – полесно отфрлање на барањата за азил, забрзана процедура за депортирање и заедничка листа на безбедни земји на потекло.
-Дали ќе гледаме центри за мигранти насекаде низ државата, во сите општини и градови? Дали ќе дозволиме „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат Македонија во мека за мигранти? Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ? Сепак се ближат избори. Треба да кажеме одлучно не. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антинационално движење, побара Филипче.
Од СДСМ најавуваат дека најпрво ќе покренат онлајн иницијатива против отворање на прифатни центри за мигранти. Најавуваат посилни чекори доколку Владата ги игнорира нивните апели и барања.