Власта и опозицијата со две резолуции на иста тема, потврда дека мигранти нема да влезат во државава. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ и ВРЕДИ веќе ја поднесоа во Собранието. Со неа велат, еднаш засекогаш треба да се стави точка на измислената тема со мигранти од страна на СДСМ.
Социјалдемократите, пак, чекаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја потпишат резолуцијата што тие ја понудија. Тие тврдат дека има договор со Британија што предвидува пари за мигранти. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче веќе предупреди дека власта не сака да ја потпише Резолуцијата против мигранти, чекајќи ги изборите за потоа да ги смести во станови и да им даде вработување.
„Избори се планирани за пролет, и по моделот на Вучиќ е „ќе има литиум, нема да има, сепак ќе има“ по изборите, Мицкоски сега со истата техника сака да го протне проектот „Мигранти за пари“. Сака да му замачка очи на народот да го изврши ова страшно дело, за по изборите да си добие уште четири години власт, за да има време да ги избрише трагите на една од најголемите измами што граѓаните на Македонија ја доживеале во својата историја“, рече неколку дена, Филипче.
И додека и едните и другите тврдат дека нивната резолуција е исправна и прифатлива, се очекува, онаа на ВМРО-ДПМНЕ да биде ставена на дневен ред на пленарна седница во вторник.
Дали темата за мигрантите е тесно поврзана со евентуални предвремени избори напролет? За дел од јавноста ваквите тврдења, дилемата останува дали ќе се нарекуваат мигранти или сезонски работници и тоа е игра на зборови. Според политичкиот аналитичар и новинар, Дритон Зенку, доколку претседателот на Владата е искрен кога вели дека нема да има мигранти во Македонија додека тој е премиер, тогаш, за да биде убедлив пред јавноста и како израз на политичка добра волја, треба да ја прифати и да ја поддржи Резолуцијата што СДСМ ја предлага во Собранието. Зенку смета дека само така би ја докажал својата искреност до крај.
-Во една демократска држава, прифаќањето на предлозите на опозицијата претставува додадена вредност во политиката. Прашањето е дали изјавата на Мицкоски служи како подготовка за предвремени избори, што би можело да биде дел од неговата политичка агенда.
Кога вели дека до пролет нема да има мигранти, тој остава простор за сомнеж – што ќе се случи по пролетта и по евентуалните избори? Дали по изборите ќе се отворат границите за мигранти од финансиски мотиви? Токму оваа дилема сега се наметнува во јавноста, посочува Зенку во разговор за „Локално“.

Дритон Зенку/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Според него, тенденцијата за сместување на мигранти во балканските држави е реалност. Во неколку земји од регионот оваа тема веќе се дискутира, а во случајот со Албанија таа веќе претставува завршен чин. Европските држави, на одреден начин, ги испразнија балканските земји, земајќи ја нивната витална работоспособна популација, а сега инсистираат на доведување мигранти.
-Зошто се случува ова? Балканот е дел од Европа и граѓаните на балканските држави лесно се прилагодуваат во земјите каде што заминуваат. Културолошки се поблиску до европските вредности и брзо го прифаќаат државниот и општествениот поредок во земјите каде што мигрираат. Мигрантите од Блискиот Исток, пак, доаѓаат од азискиот континент и значително се разликуваат од Европејците во речиси сите општествени сегменти. Суштината е следна: работната сила од балканските земји беше „позајмена“, а сега постои обид мигрантите од нестабилните азиски региони да се „ослободат“ и да се префрлат во полупразните балкански држави. Политиката често носи одлуки што се штетни на товар на сопственото население, но овој пат мора да биде особено внимателна и да размислува за долгорочните последици. Македонија не е држава што обезбедува висок животен стандард за сопствените граѓани, а уште помалку има капацитет да создаде соодветни услови за мигрантите. Нема големо значење дали одлуките ќе се носат во републичкото Собрание или во општинските совети – од суштинско значење е каква одлука ќе биде донесена, истакнува аналитичарот.
Околу политичката ситуација и „силината“ на партиите по однос на гласачкото тело, Зенку вели дека СДСМ јасно се активираше, иако ова требаше да се случи пред локалните избори и сигурно ќе имаше подобри изборни резултати. Според него, по изборите, СДСМ се разбуди од „сон“ и оваа активизација остави впечаток дека предизборната мисија, во координација со ВМРО-ДПМНЕ за маргинализирање на ДУИ, како што се зборуваше во некои кругови, беше успешно реализирана.
Не само што финансиската состојба во која се наоѓа државата е очигледно тешка, туку и скандалите кои ги презентира СДСМ имаат влијание на рејтингот на Мицкоски и неговата партија. И ако се прифатат мигрантите, но и ако се оди на предвремени избори, тоа ќе докаже дека Мицкоски се бори за да ја зачува својата власт, прифаќајќи фондови за прием на мигранти, но и оди на избори за да го продолжи својот четиригодишен нов мандат. Добар менаџер не е тој што троши буџет и зема кредити, туку тој што го зголемува и подобрува буџетот. Во овој случај, Мицкоски изгледа дека целосно не успеал, бидејќи функционира со надворешни кредити како што беше случајот со Унгарија и со внатрешни кредити од комерцијалните банки. Во такви ситуации, државата наместо да дава кредити за граѓаните и бизнисите, станува најголемиот кредитобарател. Не можеме да зборуваме за зголемување на стандардот и економски развој ако земаме долгови и го одложуваме месец за месец. Мицкоски владееше овие две години со 2 милијарди евра кредити, а сега отвора хоризонти со мигрантите за нови кредити, во овој случај, од Велика Британија, заклучува аналитичарот.
Од друга страна, поранешниот советник во Советот на Град Скопје, Гордан Шутаров, вели дека не се согласува со тезата дека на Македонија и се потребни предвремени парламентарни избори, јасно е дека тоа не е добро ниту за економијата ниту за процесите и реформите кои треба да се одвиваат во државата во континуитет. Според соговорникот, 2024 година беше изборна година со парламентарни и претседателски избори,2025 година беше изборна година со lокалните избори, и во овој контекст премногу е во континуитет да имаме и трета година, со нов изборен циклус, нешто што и постабилни економски држави од нашата, не би можеле да го спроведат без тоа да се осети на економските текови во државата.
-Сметам дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже зрелост во оваа ситуација и да го заврши мандатот којшто го започна во 2024- та година, сепак мнозинството е големо, и нема поголема опасност од нарушување или претструктуирање на силите во Собранието, наведува Шутаров во разговор за „Локално“.

Гордан Шутаров
Во однос на темата за мигрантите, членот на СДСМ оценува дека е нормално, па и до некаде и очекувана реакцијата на јавноста и политичките партии по однос на истото, но сепак смета дека во една нормална здрава држава, демократија, држава која претендира да биде полноправна членка на Европската унија и држава која е дел од НАТО алијансата, дискусиите во однос на вакви сериозни и сензитивни теми треба да се водат на едно изразено повисоко политичко ниво со чувство за одговорност од страна на сите општествени и политички чинители.
-Реакцијата на опозицијата, е оправдана и очекувана, стравот од последиците кои би можеле да настанат доколку се спроведе таква активност на македонска територија, се оправдани и очекувани, дотолку повеќе што немањето на соодветна реакција од страна на власта по однос на наводите за спроведување на таква активност, се повеќе ги продлабочуваат дилемите кои се јавуваат во јавноста, за тоа дали воопшто има таков план, што е планот, што е разговарано, и дали воопшто е разговарано на ниво на влади помеѓу Скопје и Лондон, укажува Шутаров.
Апсолутно не сметам, додава соговорникот, дека местото за дискусија по ваквите теми се во општинските совети, напротив Собранието на РМ како законодавна власт, има надлежност, обврска и одговорност да дискутира по однос на ваквите теми, како и да носи соодветни заклучоци, резолуции итн. кои во иднина ќе бидат основа за постапување и почитување на донесените заклучоци или резолуции на сите идни влади кои понатаму ќе бидат конституирани или избрани токму од законодавниот дом, така што во овој момент, сите одговорни општествени и политички чинители треба да покажат високо ниво на политичка и општествена одговорност, токму за вакви сериозни теми, и граѓаните токму и тоа го очекуваат од нив.
Запрашан дали ВМРО-ДПМНЕ изгуби многу со своите потези во последниот период, Шутаров оценува дека генерално може да се забележи определена „тензија“ во односите помеѓу коалициските партнери во владата, во самата влада, па и генерално во општеството.
-Во овој момент, не можам да ценам дали власта загубила или не политички поени, доколку мислите на тоа, сепак во однос на тоа постојат релевантни агенции кои постојано го мерат рејтингот на политичките партии и политичарите.
Не ја знам и јас, како и вас, вистинската причина зошто трезорот, т.е трезорската канцеларија на Министерството за финансии, одлучи оваа година да не прима налози после 15-ти Декември, иако таа пракса со години веќе се случува при крајот на месецот, најчесто после 26-ти Декември. Во јавноста се наметна тезата дека државата нема пари и дека ликвидноста на буџетот е на незадоволително ниво во моментот, сметам дека со тоа прашање треба да се занимаваат надлежните институции и експертите од областа на економијата. Многу побитно во оваа ситуација, генерално, е навременоста на плаќањата и дали граѓаните кои се корисници на социјална помош, породилни отсуство, боледувања, стипендии итн како и редовните месечни примања во вид на плати, отпремнини, регреси за годишен одмор ќе бидат исплатени заклучно со 31- ви декември, односно дали ќе им се овозможи на граѓаните редовно да си ги добијат средствата кои надлежните органи треба да им ги исплатат, и уште побитно кога трезорот односно трезорската канцеларија би отворила во новата година, и дали тоа ќе биде како до сега на 2-ри јануари, односно дали би имало и определено поместување во однос на овој рок и во новата година, сепак тоа останува да видиме во наредниот период, заклучува Шутаров.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Собрание
Предлог-резолуцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за мигрантите ги истера од собраниската сала пратениците на СДСМ. Лути се затоа што се осудуваат манипулациите на опозицијата, покрај гаранциите дека мигранти нема да влезат во земјава. Власта со став дека лицемерието излегло на виделина.
Пратеникот од ДУИ, Талат Џафери побара тргнување на резолуцијата од дневен ред, меѓу другото што со неа се мешаат ингеренциите на извршната и законодавната власт. Пратеникот Оливер Спасовски пак е со став дека се осудува опозицијата, по што пратениците на СДСМ ја напуштија работата на седницата.
-Опозицијата мавта со резолуција која никако да ја поднесе во Собрание, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат, ја напуштиле работата на седницата за да ја избегнат дискусијата.
Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за мигрантите произлезе по пишувањето на британски медиуми и тврдењата на опозицијата дека било договорено влез во земјава на мигранти, одбиени од Велика Британија.
Н.П.