Не сум сигурен дека ги имаме сите аргументи, зборувам како СДСМ, да тврдиме дека постојната структура на Буџетот е кроена наменски за избори отколку дека е реален одраз на состојбите во економијата и реалните потреби на граѓаните, посебно во сегментот на трансферите. И тука не се потпирам на изјавите на премиерот дека избори ќе нема туку на политичката логика која вели дека ако веќе се подготвува „изненадување“ тогаш зошто би се најавувало месеци однапред – вели во интерву за „Локално“ Јован Деспотовски, поранешен висок владин функционер.
Во однос на состојбите во СДСМ вели: во моментот немаме привилегија, ниту оправданост да зборуваме за КОГА ќе бидеме повторно најголемата партија во земјата.
Во првите девет месеци од годинава, според официјалните податоци, странските директни инвестиции изнесуваат околу 210 милиони евра. Лани во истиот период беа неколкукратно повисоки. На што се должи ваквата состојба?
-Објективно гледано, бројките можат да бидат последица на глобалните економски трендови, кои не се идеални и во кои има јасно изразени ризици. Капиталните пазари се динамични, но фокусот е на индистриите односно секторите што се малку застапени кај нас. Во „традиционалната“ индустрија, посебно автомобилската, а посебно европскиот сегмент, кризата е изразена и има реално влијание врз Македонија. Можеби сеуште работите не се алармантни, но правецот што го поставивме во ре-структурирање на економијата во ТИРЗ односно воведувањето токму на новите индустрии за сметка на доминантната автомобилска едноставно мора да се продолжи и сега, од оваа Влада. А, имаме и добра основа за тоа, имајќи предвид дека неодамна фармацевтскиот гигант Гересхајмер, со кого потпишавме два договори пред неколку години веќе го презеде местото на најголем гринфилд инвеститор од осамостојувањето на земјата, со реализирани близу 200 милиони евра.
Втор фактор може да биде и изборната 2024г. Имено, инвестициските одлуки вообичаено се носат значително пред да бидат реализирани. Оттаму оптимизмот или резервата кај инвеститорите се одразува во конкретните бројки по една/две години.
Дел од странските инвеститори најавија повлекување од земјава. Дел го редуциираат бројот на вработени. Дали инвеститорите заминуваат бидејќи им заврушва периодот на субвенцинирање, дали навистина се соочуваат со проблеми за пласман надвор од државава или има и други фактори за ваквите одлуки?
-Не би се согласил со аргументот дека инвеститорите доминантно заминуваат заради завршувањето на државната помош. Дури и да е така, со дел од компаниите кои неодамна најавија затворање државата има потпишано нови договори за проширување и модренизација на капацитетите. Значи, од страна на Владата обезбедени се сите услови за успешно работење. Сепак, сметам дека улогата на непосредно одговорните институции, во прв ред ТИРЗ мора да биде многу јасна, силна и активна. Секогаш има и може да се најде решение за предизвиците на странските компании, посебно имајќи предвид дека работно ангажираат илјадници наши сограѓани.
Можеме ли да кажеме дека државата, доносно Владата прави се за да се задржат посотоечките и привлечат нови инвеститори? Изминатава година имавме бомбастични најави за влез на нови странски инвеститори, со акцент на капитал од САД.
-Веќе споменав дека одлуките за инвестирање се носат значително пред да ги видиме низ бројки. Оттаму, ќе бидам коректен и ќе одговорам дека Владата, пред се премиерот и задолжените министри од економските ресори, сеуште имаат реален простор да покажат очекуван позитивен резултат. Сепак, она што останува како обврска сега, и каде мора да се видат многу поконретни напори е работата со постојните инвеститори, за што задача имаат пред се Агенцијата за странски инвестиции и ТИРЗ.
Има информации дека се доцни со исплатата на субевнционираната помош за странските инвеститори. Дали имате вакви сознанија, и како ова влијае на бизнис климата за странскиот капитал?
-Да, во контактите со дел од компаниите што работат во државата има информации за одредени доцнења со исплатата на државната помош. На што се должи тоа, не би можел прецизно да одговорам. Факт е дека со воведување на нови контролни мехамизми за исплата во ТИРЗ од пред неколку години процесот на исплата е малку посложен. Но, со добра организација досега се избегнуваше доцнењето. За други причини не би шпекулирал, иако треба да се спомене и изборниот процес што, за жал, како и во многу случаи предходно, лошо влијае врз постапувањето на институциите генерално.
Да одговорам и на вториот дел од прашањето – Да, исполнувањето на обврските кон инвеститорите е важен елемент во градењето доверба и добра деловна клима. Од искуство знам дека секој нов инвеститор при разгледување на можностите за вложување разговара и со оние што се веќе тука. Затоа е исклучително важно да се одржува добар “track record“ во исполнување на договорните обврски.
На крајот од третиот кавртал БДП е со раст за 3,8%, а порастот на бруто-инвестициите е над 30% . Дали овој податок охрабрува, од владата велат дека е историски успех за уделот на бруто инвестициите?
-Неспорно дека овие податоци, посебно растот на БДП, е многу позитивен и укажува на движења во добра насока. Се надевам и очекувам ова да продолжи и да „фати корка“.
Буџетска 2026 – опозицијата критикува дека државната каса за следната година навестува можни избори?
-Не сум сигурен дека ги имаме сите аргументи, зборувам како СДСМ, да тврдиме дека постојната структура на Буџетот е кроена наменски за избори отколку дека е реален одраз на состојбите во економијата и реалните потреби на граѓаните, посебно во сегментот на трансферите. И тука не се потпирам на изјавите на премиерот дека избори ќе нема туку на политичката логика која вели дека ако веќе се подготвува „изненадување“ тогаш зошто би се најавувало месеци однапред. Настрана политиката, она што сметам дека доминира во Буџетот, барем онака на прв поглед, е реалната состојба посебно во делот на трансферите и задолжувањата односно покривањето на обврските. И мислам дека ако нешто недостасува во дискусијата сега, тоа е проблемот со веќе огромната дупка во пензискиот фонд и немањето на никакво навестување за запирање или барем забавување на нејзиното ширење. Оваа дупка годишно веќе „голта“ над 1 милијарди евра, што се за толку помалку средства за јавни инвестиции, поквалитетни јавни услуги и сл.
И тука дел од решенијата може да се гледаат во веќе иницираните измени на регулативата за работно ангажирање на лица над 64г., но и во паметно искористување на значителните резерви во вториот пензиски столб преку делумно либерализирање на регулативите за вложувања. Со самото тоа би се сздале основи за значително повисоки приноси во вториот стол, а со тоа и простор за размислување како прилагодувања во соодносот на зафаќањата од придонесите.
СДСМ започна со објавување на т.н „криминални бомби“, партијата сеуште го гази патот на консолидација. Како ја оценувате состојбата во СДСМ и дали би сакале и би прифатиле посериозен партиски ангажман кој би бил дел од таа операција за рестратирање на партијата?
-Состојбата во СДСМ е далеку од посакуваната или барем од онаа на која партијата му е потребна на општеството, на државата. И, со ова веројатно не сум кажал ништо ново. СДСМ се уште е во потрага по својата нова приказна. Членовите, гласачите, но и оние кои некогаш припаѓале на ова наше големо семејство се уште чекаат да слушнат за што се залагаме, ама практично, не само идеолошки, како ќе функционираме, како ќе носиме одлуки и, на крајот на денот, како ќе се однесуваме утре ако повторно дојдеме во можност да ја водиме државата. И ова АКО го кажувам свесно, бидејќи во моментот немаме привилегија, ниту оправданост да зборуваме за КОГА ќе бидеме повторно најголемата партија во земјата.
Лично, мојата подготвеност за највисок и најсложен предизвик ја покажав со кандидатурата за Претседател на СДСМ во 2024 година. И, навистина ми е жал што многумина што сега се гласни критичари на состојбите во партијата тогаш молчеа и тактизираа. Можевме уште тогаш, пред 18 месеци, да направиме многу работи поинаку. Но, тоа е што е. Во меѓувреме некои работи добија свој развој, посебно на професионален план, така што тежината на одлуката за повторен политички ангажман е значителна. Едноставно, ќе видиме.
Д.А.