Реакцијата на официјално Скопје по американската акција во Венецуела беше брза, усогласена и без ронка воздржаност. Речиси инстантно, од власта стигна порака дека Македонија стои цврсто зад потезите на Вашингтон, дека позицијата е „навремена и правилна“ и дека нема дилема кога станува збор за одлуките на „стратешкиот партнер“.
Во таа брзина, меѓутоа, се отвори и прашањето што ретко се поставува гласно: дали државата реагира од убедување или од навика да клима со глава, без обид да ја измери тежината на поддршката што ја дава.
„Нашата позиција е јасна и принципиелна“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека Македонија со години е усогласена со надворешната политика на САД.
Формулацијата е позната, реченицата звучеше како да е веќе напишана, само повторно пуштена во етер.
Во исто време, од опозицијата стигна контранапад. СДСМ праша дали Христијан Мицкоски „мирно спие“ по акцијата на САД против Николас Мадуро, алудирајќи на неговите релации со Виктор Орбан и Александар Вучиќ.
Политичката реторика брзо се претвори во меѓусебно надвикување, додека суштината – што точно значи оваа поддршка, остана во втор план.
Најострите реакции, сепак, не дојдоа од домашната сцена. Српскиот таблоид Информер, во текст исполнет со навреди и дисквалификации, ја нарече Македонија „банана-држава“, а министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го означи како „бедник“ поради, како што тврдат, „експресната сервилност“ кон САД.
Тон кој можеби е вообичаен за таблоид, но пораката беше јасна: поддршката за Вашингтон се чита и како дистанцирање од Белград, и тоа во момент кога регионот и онака е чувствителен на секој геополитички сигнал.
Од Владата немаше двоумење. Христијан Мицкоски порача дека државата „стои зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер САД“, додавајќи дека Македонија нема луксуз да балансира кога станува збор за клучни сојузници.
Пораката беше децидна, но и симптоматична: не станува збор за анализа, туку за лојалност. А лојалноста, особено во надворешната политика, има цена. Понекогаш и морална.
Со мало задоцнување, но со препознатлива патетика, се огласи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Кога Америка стои силно, стоиме силно заедно“, изјави тој, потсетувајќи дека и македонскиот пат кон слободата бил „сведоштво за таа поддршка“.
Реченица што звучи убаво, речиси свечено, но во себе носи една опасна поедноставеност – дека секоја американска одлука, по автоматизам, е и наша. Без оглед на контекстот, без оглед на последиците, без оглед на тоа што Венецуела не е Балкан, а Мадуро не е Милошевиќ.
Критиката што тивко се провлекува низ јавноста е токму тука. Македонија не само што ја поддржа акцијата на САД, туку ја оправда без резерви, како да станува збор за чиста, недвосмислена операција без сенки. А геополитиката ретко е таква.
Апсењето на Мадуро и интервенцијата во Венецуела отвораат сериозни прашања за меѓународното право, суверенитетот и преседаните што се создаваат. Прашања на кои Скопје не се ни обиде да одговори. Наместо тоа, добивме позната матрица: ние сме мали, ние сме лојални, ние сме на „вистинската страна на историјата“. И толку.
Во таа брза поддршка има и доза на страв. Страв да не се протолкува било каква нијанса како колебање, како непослушност, како излегување од редот. Македонија, по сè изгледа, сè уште ја гради својата надворешна политика како продолжена рака на туѓи одлуки, наместо како артикулиран став што знае кога да каже „да“, но и кога да замолчи. Или барем да постави прашање.
И тука е суштината што остана неискажана. Поддршката за САД можеби е очекувана, можеби и логична од аспект на сојузништвото, но начинот на кој беше дадена, без критичка дистанца, без јавна дебата, без обид да се објасни зошто токму оваа акција е оправдана, ја остава Македонија во улога на нем набљудувач што аплаудира кога ќе му се даде знак.
А тоа, за држава што сака да биде сериозен меѓународен актер, е проблем. Голем проблем. Или барем би требало да биде…
Б.Т.