Идејата за укинување на техничката влада повторно ја отвора една од најчувствителните пукнатини во македонскиот политички систем: прашањето дали институциите се доволно зрели за фер избори без политички штитници и вкрстени контроли.
Кога премиерот Христијан Мицкоски најавува лидерска средба за ова прашање, тој всушност не предлага административна корекција, туку тест на довербата меѓу партиите – и индиректно: тест на државата.
Зашто техничката влада не е формалност што може да се избрише со политички договор. Tаа е симптом на длабока недоверба што со години го дефинира односот меѓу власта и опозицијата.
И токму затоа, дебатата за нејзино укинување е многу повеќе од разговор за изборна процедура. Напротив, станува збор за разговор за тоа дали Македонија навистина излегла од кризното политичко време, или само сака да се однесува како да излегла.
Предлогот да се одржи лидерска средба за укинување на техничката влада, односно преодната влада, е политички логичен потег од аспект на актуелната власт. Но тој не е „техничко“ прашање, туку суштински договор за утврдување нови правила на игра.
Мицкоски јасно сигнализира дека процесот не може да оди без консензус, што индиректно признава дека ова не е одлука што може да се истурка со просто парламентарно мнозинство. Токму тука почнува проблемот: консензусот не се гради врз база на нечии желби, туку на интереси и на доверба. А довербата е најдефицитарната политичка валута во земјата.
Да се потсетиме, техничката влада не беше воведена како комодитет, ниту како академски експеримент. Таа е директен производ на длабока политичка криза и на Пржинскиот договор од 2015 година, кога изборите станаа невозможни без дополнителни гаранции за опозицијата.
Основната логика беше едноставна, но сурова: додека извршната власт има целосна контрола врз полицијата, администрацијата и јавните ресурси, изборите не можат да бидат перципирани како фер ако опозицијата нема институционален увид и влијание.
Оттука произлезе моделот на преодна влада во последните 100 дена пред избори, со сменет премиер и со вкрстено поставени министри и дополнителни заменици министри од спротивставени политички блокови. Тоа беше политички компромис, а не уставен идеал.
Што реално значи укинување на техничката влада? Прво, исчезнува обврзниот „ресет“ на извршната власт пред избори – и симболички и функционално. Второ, се укинува механизмот на вкрстена контрола во клучните ресори, особено во МВР и во администрацијата, каде што искушението за злоупотреба на државните ресурси е најголемо. Трето, се брише политичкиот аргумент дека изборите се нефер ако нема техничка влада. Тоа е аргумент што со години служеше и како притисок врз власта, но и како алиби за пораз.
Со други зборови, укинувањето не е само олеснување на процедурата, туку суштинска промена на рамнотежата меѓу власта и опозицијата во изборен период.
Од перспектива на македонскиот политички блок, позициите се релативно јасни.
За ВМРО-ДПМНЕ, укинувањето е во линија со нивниот долгогодишен став дека државата не треба да функционира во полу-ванреден режим пред секои избори и дека техничката влада создава повеќе политички блокади отколку реална заштита.
Од друга страна, за СДСМ ситуацијата е поамбициозна. Кога си опозиција, техничката влада е заштитен механизам, а кога си власт, тогаш таа е товар и ограничување. Затоа нивната најреална позиција не е отворено „да“ или „не“, туку условено прифаќање: можно е укинување, но не без замена, не без нови гаранции и не во пресрет на избори, како ад-хок политичка операција.
Кај албанскиот политички блок, прашањето е уште покомплексно. Нема унифициран став, но постои заедничка линија: инсистирање на консензус. За дел од партиите, техничката влада е дел од поширок политички баланс и сигурносен механизам во чувствителен етнополитички контекст.
За други, особено оние што сакаат да се позиционираат како реформски, укинувањето може да звучи привлечно, но само ако оди заедно со посилни институционални гаранции. Во спротивно, ризикот е јасен: ќе изгледа како олеснување за победникот, а не како демократски исчекор.
Суштинското прашање, затоа, не е дали техничката влада е добра или лоша, туку дали постои доволно доверба дека изборите ќе бидат фер и без неа. Ако одговорот е негативен, укинувањето ќе се чита како концентрирање на моќта во рацете на власта до последниот изборен ден. Ако одговорот е позитивен, тогаш техничката влада навистина станува анахронизам од едно кризно време. Но тука доаѓаме до најнепријатната вистина: техничката влада беше воведена токму затоа што институциите не беа доволно силни и независни да ја гарантираат таа фер игра без политички старател.
Оттаму, укинувањето без сериозна институционална замена е ризичен потег. Ако се тргне механизмот, а не се зајакнат контролите, санкциите и транспарентноста, државата ризикува да се врати чекор назад, само без браник.
Затоа, ако лидерската средба треба да има смисла, таа мора да понуди пакет: укинување на техничката влада, плус јасно дефинирани нови правила што ќе ја заменат довербата што пржинскиот модел насилно ја вгради во системот. Во спротивно, предлогот ќе биде прифатлив за власта, но рационално неприфатлив за опозицијата – и во македонскиот и во албанскиот блок.
Политички гледано, консензус е можен, затоа што темата одамна се провлекува како легитимна. Практично гледано, тој ќе постои само ако укинувањето не се доживее како партиска победа, туку како договор за нова, посткризна фаза на политичкиот систем.
Ако тоа не се испорача, идејата ќе остане заглавена – не затоа што не е привлечна, туку затоа што недовербата сè уште е посилна од реформската реторика.
Б.Т.