Републиканскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп дал зелено светло за предлог-закон за нови санкции кон Русија и дека гласањето за него би можело да се одржи веќе следната недела.
Тој го напиша ова на социјалната мрежа X, по средбата со Трамп во Белата куќа
„По многу продуктивниот состанок денес со претседателот Трамп за различни прашања, тој даде зелено светло за двопартискиот предлог-закон за санкции кон Русија на кој работев со месеци со сенаторот (Ричард) Блументал и многу други“, напиша Греам, осврнувајќи се на демократот Блументал, кој е коавтор на долгоодложуваниот предлог-закон.
Додаде дека предлог-законот ќе му овозможи на Трамп да ги казни оние земји што купуваат евтина руска нафта што ја напојува воената машина на рускиот претседател Владимир Путин.
„Украина прави отстапки за мир, а (рускиот претседател Владимир) Путин само зборува, продолжувајќи да убива невини. Предлог-законот ќе биде навремен. Се радувам на силно двопартиско гласање, се надевам следната недела“, напиша Греам.
Американскот издание на „Политико“ објави дека функционер на Белата куќа изјавил дека Трамп го поддржува законот, кој предвидува воведување секундарни санкции за земји како Кина и Индија кои купуваат нафта и гас од Русија.