Шарените денгуби на СДСМ

„Бидејќи не верувам дека Венко баш е упатен во српската внатрешна политика, да му кажам дека мора итно да го прекине ангажманот на ПР агенцијата Прагма, како за доброто на сдсм, така и уште поважно за доброто на државата Македонија и посебно македонскиот народ. Нека ги исплати колку се договориле за ангажманот и нека им каже збогум“

од Nikola Popovski
177 прегледи Фото: Архива

Голема мистерија до пред неколку дена беше кој и зошто ги пишува тие ирационални и во определен аспект мошне опасни за Македонскиот народ партиски соопштенија на СДСМ против Србија и Република Српска. Знаеме дека и во најновото Венково раководство – прочуените селфисти а ла детска градинка – има многу соросоиди, шарени револуционери и денгуби од времето на шарената револуција предводена од Заев, но сепак не се знаеше кој е до толку, така да кажам, фасцинантно неинформиран во политичка смисла, за да пишува упорно такви апсурдни и опсесивно србофобни партиски соопштенија кои напати се до таа мерка шокантни што дури изгледаат како заедно да ги пишувале Насер Ориќ, Милош Парандиловиќ, Мариника Тепиќ и Саво Манојловиќ, под надзор на ненадминливиот „пржач и динстач“ Јово Бакиќ. И ете конечно дознавме, преку едно соопштение на МАН (Македонска асоцијација на новинари) од пред неколку дена, каде што меѓу другото, пишува и, цитирам  – ,,… новиот политички стратег на СДСМ, ПР агенцијата Прагма, која е одговорна за противзаконско делување на македонска политичка партија“ (цитирано според булевар.мк.- МАН со реакција за односот на СДСМ кон медиумите, 10.01.2026). По кратко интернет истражување, се доаѓа до кредибилни информации – српската ПР агенција Прагма е регистрирана во Белград, работи 20-ина години, и е раководена од извесен Цвијетин Миливојевиќ (пишува дека е генерален директор на нивната веб страна). Според бројни информации, во српската јавност е познат како политиколог, новинар и консултант за односи со јавноста, поддржувач на блокадерите и шарен српски опозиционер, судејќи според неговите јавни настапи. Интересно е и што има исто презиме како и актуелниот лидер на партијата на Зоран Џинџиќ – дали се во некаква  роднинска врска не знам но симптоматично е што Венко Филипче во Брисел се сликаше со тој лик, некојси Срѓан Миливојевиќ, познат по безусловната поддршка на најавената „студентска“ листа за парламентарните избори во Србија кон крајот на оваа година, на која ќе нема студенти. Оттаму, логична е претпоставката дека токму таа агенција односно според внатре-организациска хиерархија Миливојевиќ да ги пишува или барем е одговорен за антисрпските соопштенија на СДСМ (најодговорен е, се разбира, претседателот на сдсм), со ништо предизвикани и поврзани со Македонија некакви парадоксални споредби, навредливи соопштенија за легитимната и легална власт во Србија и Република Српска, лично против Вучиќ, Додик, нашиот министер Стоиљковиќ, прославата на денот на Република Српска, итн. Како може српски консултант за односи со јавност и српска ПР агенција да ја познава македонската политика тоа стварно не е јасно, патем кажано. За да ја знаеш политичката, економската и општествената реалност на една држава истата мора да ја живееш и на своја кожа да ја чувствуваш. Нема потреба да ги цитирам тие познати и веќе антологиски политички глупости и будалаштини во соопштенијата на СДСМ, ги има на нивната официјална интернет страница веројатно како дополнителна гласачка мотивација да се испратат од страна на Македонскиот народ пак и пак во опозиција со помалку пратеници дури и од левите.

Политичката приказна наречена Венково СДСМ после овие соопштенија е завршена дури и пред да може воопшто да започне – тие тргнаа по политичко губитнички пат, можеби и намерно бидејќи не може поинаку целосно рационално да се објаснат многу нивни одлуки и наведените соопштенија; меѓутоа, дури и во таква ситуација не го разбирам Венко како претседател на сдсм – како воопшто ги дозволува тие срамни и глупави соопштенија на партијата со која раководи, макар тоа било и номинално; којзнае, изгледа многу се дружи со коалициониот Џелал Хоџиќ од СДА во Македонија, гледам фотографија како заедно се насмеани на некаква новогодишна журка на сдсм на која можеби го слават поразот – само 6 наспроти 56 градоначалници на дпмне. Не знам дали воопшто и чита што во негово име – како претседател на сдсм – пишуваат други, во случајов веројатно некој од ПР агенцијата Прагма на Цвијетин Миливојевиќ како директор и која, да повторам, според МАН, е ангажирана од сдсм како нивен нов политички стратег (ако тоа е некоја друга ПР агенција со исто име, се извинувам однапред ). Плаузибилна е претпоставката дека истите соопштенија се пишуваат со двојна цел – преку сдсм односно грбот на Македонија да се урива легитимната власт на СНС и Вучиќ; и второ, на бранот на антисрпството во регионот некако да добие во рејтинг, или такво некое очекување, и сдсм овде. Се разбира, и едното и другото нема да се случи, и истото е толку штетно по сдсм и со контра-ефект, што дури и Венковиот нов партиски потпретседател со симпатичен прекар Доктор Коска кој сеуште нема дадено ниту една официјална изјава од таа позиција, можеби помислил така.

Бидејќи не верувам дека Венко баш е упатен во српската внатрешна политика, да му кажам дека мора итно да го прекине ангажманот на ПР агенцијата Прагма, како за доброто на сдсм, така и уште поважно за доброто на државата Македонија и посебно Македонскиот народ. Нека ги исплати колку се договориле за ангажманот и нека им каже збогум. Објективни причини и аргументи за такво нешто има многу – на пример, не знам дали е свесен дека со тие „прагма“ антисрпски соопштенија ги одбива нормалните луѓе воопшто и да помислат да гласаат за сдсм, како и најголемиот дел на Србите во Македонија . Тие фамозни соопштенија не се политички прагма-тични туку токму напротив, всушност се исполнети со антисрпство до срж, не се тие само некаков хеуристички пристап против актуелната легитимна и легална власт во Србија и Република Српска. Вокабуларот и фразите се речиси исти како на радикалните муслимански центри во Сараево кои со помош на одредени центри на моќ во меѓународната заедница ги узурпираат федералните институции на Босна, го кршат Дејтонскиот мировен договор со јасни тенденции за укинување на суверенитетот на Република Српска, ги поттикнуваат сецесионистичките процеси во Рашката област во Србија, активно се вклучени во црната пропагадна против Вучиќ (на пример со измислената афера за т.н. сараево сафари) итн., и најверојатно сето тоа  нема да помине без вооружен судир доколку се продолжи со тие активности. Инаку, не знам дали знаете но овде кај нас, во РС Македонија, министерството за образование на режимот на дпмне мицковистичко дозволило да постои основно училиште со име „Алија Изетбеговиќ“, па очекувам истото да го стори и за некое училиште со име Радован Караџиќ, ако има такво барање на Србите во оваа држава. Понатаму, „прагма“ соопштенијата на сдсм нанесуваат и трајни, историски негативни последици во добрососедските односи меѓу Српскиот народ и Македонскиот народ со тоа што директно (како голема политичка партија) се вмешува во внатрешната политика  на Србија згора на тоа и преку јасна поддршка на блокадерите згубидани (на македонски јазик – денгуби), шарени српски соросоидни квази револуционери и според официјални информации на државата Србија, странски платеници кои со опасна агенда сакаа(т) на насилен начин да ја превземат власта. И за нештата да бидат уште полоши за Македонскиот народ, сето тоа се случува во време кога режимот започна силна и координирана кампања за укинување на техничката влада, што ќе биде вовед во отворена повеќедецениска тиранија во мициленд. Ако Венко нејќе или не смее, белким сеуште има некој макар и минимум рационален битен човек во сдсм, па нека стори нешто и нека ги прекине тие анти-српски, анти-македонски и анти-сдсм соопштенија.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.