Проф. Узунов: Изјавата на Славески дека авионските билети се главен виновник за високата инфлација е несмасна и невкусна

Подобро е гувернерот воопшто да не дава изјави со кои ќе ја оправдува високата инфлација и да остане во доменот на неговите ингеренции, бидејќи вака изгледа многу смешно. Просечниот граѓанин не го интересираат цените на авионските билети, туку цените на храната, средствата за хигиена... , изјави универзитетскиот професор за „Локално“

од Vladimir Zorba
184 прегледи Фото: Фејсбук/НБ/ТАВ Македонија/Креатива Локално

Изјавата на гувернерот Трајко Славески дека инфлацијата во декември се должи на зголемените цени на авионските билети ја разбранува јавноста. Гувернерот се обиде да ги убеди граѓаните дека инфлацијата е предизвикана од цените на авионските билети, а не од цените на храната, но ретко кој му поверува. И економските експерти коментираат дека обидот на гувернерот да ја протне приказната дека инфлацијата е поради авионскиот превоз за која Владата нема никаква вина, падна во вода. Нивните коментари се дека ова е уште една од редот непромислени изјави на гувернерот со која се обидува да ги заштити политиките на власта.

Точно е дека во декември има раст на трошоците за транспорт за 5,8 отсто, но да не заборавиме дека поради новогодишните празници доаѓаат многу туристи и многу наши македонци кои живеат и работат во странство. Но, во декември, освен транспортот, раст има и кај рекреацијата, здравството, угостителството, домувањето и енергенсите, што значи дека инфлацијата не може да се сведе на една ставка.

-Изјавата на гувернерот Трајко Славески дека авионските билети биле главен виновник за високата инфлација е несмасна и невкусна. Подобро е гувернерот воопшто да не дава изјави со кои ќе ја оправдува високата инфлација и да остане во доменот на неговите ингеренции, бидејќи вака изгледа многу смешно. Просечниот граѓанин не го интересираат цените на авионските билети, туку цените на храната, средствата за хигиена… , изјави за „Локално“, универзитетскиот професор, Ванчо Узунов.

Според него, секако дека авионските карти во декември ќе бидат поскапи, бидејќи поради празниците многу луѓе патуваат и многу Македонци кои живеат и работат надвор доаѓаат дома за празниците и пак се враќаат назад.

Проф. Ванчо Узунов: Фото: Фејсбук/Принскрин/СителТВ

-И во јануари и во февруари инфлацијата повторно ќе биде 4 отсто па ќе видиме што ќе измисли гувернерот, односно кој ќе биде виновникот за високата инфлација. Еве струјата се зголеми така што се очекува таа да повлече зголемување на цените на некои од производите, па ќе видиме дали повторно авионските билети ќе бидат виновни за инфлацијата, додава Узунов.

И во другите земји од Европа каде што има далеку поголем авио-сообраќај од нашиот никој не тврди дека авиобилетите се виновни за виосоката инфлација.

Фото: Фејсбук/Синиша Пекевски

-Изјавите на политичарите се тотално ирелевантни, бидејќи не кореспондираат со релноста. Имаме висока инфлација, бидејки немаме никаква економска политика, имаме континуирано задолжување и се дозволува раст на цените без контрола од државните институции, бидејќи тие имаат корист од тоа и  остваруваат некаков бенефит. Кога ќе се погледне кој во државата оставрува најголем профит – банки, маркети, градежни компании… јасно е дека тука нема никаква додадена вредност, изјави за „Локално“, аналитичарот Синиша Пекевски.

Експертите коментираат дека апсурдно е да се даваат изјави за тоа дека авионските билети се најголем виновник за инфлацијата кога поголем дел од граѓаните немаат ни можност да купат авионски билет.

Б.С.