Дали ДУИ се враќа во периметарот на ВМРО-ДПМНЕ: „Ќе мора да се разграничи поддршка на реформски закони и европски процеси од иницијатива мотивирана од партиски интерес“

Вистинско зближување или чиста политичка култура: Дали средба во четири очи меѓу Ахмети и Мицкоски ќе ги отвори вратите на Илинденска бр.2 за ДУИ?

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, најави дека ќе одржи средба еден на еден со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со фокус на обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за проектот „Безбеден град“, Законот за прекршоци и прашања поврзани со спроведувањето на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд. По завршувањето на состанокот на лидерите на парламентарните партии, Ахмети нагласи дека за чувствителни прашања како што е евентуалното укинување на техничката влада, треба да се вклучи и меѓународната заедница.

Најавената средба меѓу Мицкоски и Ахмети во политичките кругови се оценува како интересен нов развој и сигнализира некакво зближување меѓу овие два политички субјекти, по острата поларизација меѓу нив.

Дали ДУИ повторно се враќа во периметарот на најголемата владејачка партија?

За дел од јавноста, политиката не е математика да постојат јасни „равенки“, па така резултатот не испаѓа по логиката на собирање и одземање. Според политичкиот аналитичар, Даут Даути, така изгледа и сега кога лидерите на двете „најлути“ политички ривали, барем по јавните настапи и взаемната комуникација, би седнале.

-Прво, тоа би било израз на политичката култура да се седне и разговара покрај разликите , и второ, според чаршијата, „има нешто“…Е сега оваа второто, мене ми изгледа нереално работите да тргнале во правец на вистинско зближување на некакви ставови или ублажување не взаемниот анимозитет што го негуваа последните години, која на двете партии им беше некаков политички керозин кој ги вивна на очекувани висини, но не на посакувана цел за ДУИ. И сега оваа најавена средба во четири очи меѓу Мицкоски и Ахмети е добра за политичката култура, можеби би одело и во правец на релаксирање на комуникацијата меѓу нив, но реално гледано, доколку од тоа не произлезе некој конкретен договор на ниво на принципи, ќе остане само една епизода и замачкување на очите на јавноста до следна некоја средба, оценува Даути во разговор за „Локално“.

Даут Даути/Фото: Архива

Соговорникот дообјаснува дека некои политички постигнувања на ДУИ во прилог на поголема вклученост на Албанците во системот, е главниот проблем за ВМРО-ДПМНЕ, „која го пакува како слабост на ДСМ и тоа вешто го искапитализира со тезата дека СДСМ беше партнер во владата на ДУИ, што имаше одлична „проѓа“ во политичкиот пазар“.

-Па потоа на ДУИ и „напакуваа“ сите слабости и болки на владеењето, сите оние феномени што кај двете главни македонски партии ако ги споредиме, секогаш биле многу поизразени со оглед на реалната нивна моќ, и корупција, и контрола на медиуми, и контрола на судство, практично, се она што се нарекува „заробена држава“, го изглорифицираа кај ДУИ иако подобро ќе беше тоа компаративно и самокритички да се осврнеа на својата улога низ децениите и да е дистанцираа…Не дека кај ДУИ немаше такви појави, но реално ДУИ се фати во истото оро како двете македонски партии, во стилот кога можете вие „на ангро“, можеме и ние „на мало“. Но зад сето оваа, целта е да се создаде перцепција не дека ДУИ, туку Албанците „ни ја зедоа државата“, оти тоа е опиум за народ, за жал, потсетува аналитичарот.

Од друга страна, додава Даути, ваквите средби по сите работи, создаваат и еден друг интересен контекст: ако ДУИ оди, а СДСМ не, тогаш ВМРО-ДПМНЕ од едната страна, и особено, ДУИ и партиите на ВЛЕН, како претставници на Албанците, треба да докажат кој е конструктивен фактор, а кој не.

-На пример, партиите на Албанците би биле секогаш конструктивните кои прават компромиси кога се во прашање интересите на државата, за разлика од македонските партии, кои се навраќаат на „историските поделби“, иако зад сето оваа може да стојат по приземни мотиви. ..

Некогаш ваквите средби ѝ личат на театар, некогаш на театар со извесни интриги итн, бидејќи секој сака да ја протурка својата агенда. Целта да се тргне „техничката влада“(кој верува дека таа е фактор која обезбедува регуларни избори?) е нешто бенигно, во однос на останатите прашања за кои партиите се обвинуваат меѓу себе адресирајќи му ја вината на другиот субјект (евроинтеграциите и геостратешките поместувања во нејасен правец?), па начинот на создавање на влада во иднина по принципот што го бара ДУИ, заклучува Даути.

Политичкиот дијалог е легитимен и неопходен во демократско општество. Меѓутоа, како што вели аналитичарот Џенур Исени, суштината на ваквата средба е од клучно значење. Според него, состанокот во четири очи би бил целосно прифатлив и оправдан доколку фокусот биде ставен на државните реформи, европската агенда и на законите што бараат двојно мнозинство, каде што се неопходни и гласовите на ДУИ.

Џенур Исени/Фото: Фејсбук

-Во таков контекст, разговорите треба да се водат отворено, принципиелно и во интерес на граѓаните, а не како обид за политичко пазарење или редефинирање на коалициските односи. Проблематично станува доколку ваквиот дијалог се одвива надвор од институционалната рамка или доколку се перцепира како обид на ДУИ да се врати во политичкиот периметар на власта преку задни канали. Токму затоа, одговорноста на премиерот Мицкоски е во тоа што јасно ќе треба да поставува граница, дијалог за реформи и закони, а, не политичка трговија и калкулации, оценува Исени во изјава за „Локално“.

Според него, во актуелниот политички момент, ВМРО-ДПМНЕ има јасен легитимитет и стабилно мнозинство, а ВЛЕН е дел од таа владина структура.

-Затоа, секоја комуникација со опозицијата мора да биде транспарентна и насочена кон решавање на конкретни државни прашања, а не кон релативизирање на изборната волја. Оттука, доколку средбата резултира со договор за поддршка на клучни реформски закони и европски процеси, таа може да биде позитивен сигнал. Во спротивно, ќе остане впечаток дека станува збор за политичка иницијатива мотивирана од партиски интерес, а не од државничка одговорност, заклучува Исени.

Н.П.