Најавата дека бугарскиот претседател Румен Радев е подготвен да ја напушти претседателската функција пред истекот на мандатот и да влезе директно во партиската арена, ја отвори една од најчувствителните дилеми во регионот: дали со негово евентуално доаѓање на премиерската позиција ќе се смени нешто суштински во македонско-бугарскиот спор и, уште поважно, во блокадата на европскиот пат на Македонија?!
Формално, Радев до јануари 2027 година требаше да остане на позиција што во бугарскиот уставен систем е претежно церемонијална. Но, неговата вчерашна изјава дека денеска ќе ја поднесе оставката до Уставниот суд, со што функцијата би ја презела потпретседателката Илијана Јотова до ноемвриските претседателски избори, јасно укажува дека тој повеќе не сака да биде само коректор од страна. Сака извршна моќ. И тоа менува многу.
Во изминатите години, Радев беше еден од најгласните поддржувачи на тврдиот бугарски став кон Македонија. Не само симболички, туку и суштински. Тој повеќепати повтори дека Софија не треба да попушта „под притисок од Брисел“, дека „историјата и идентитетот не се предмет на преговори“ и дека ветото е легитимна алатка за заштита на националниот интерес.
Во таа смисла, оние што очекуваат драматичен пресврт само затоа што Радев би преминал од „Дондуков 2“ во Министерскиот совет, веројатно грешат.
Политичката логика во Бугарија околу Македонија веќе одамна не е лична, туку системска.
Но, има една нијанса што не треба да се занемари. Како претседател, Радев можеше да си дозволи максималистичка реторика без директна одговорност за последиците. Како премиер, доколку освои мнозинство или стабилна коалиција, ќе мора да балансира меѓу внатрешниот националистички притисок и реалната потреба Бугарија да не остане изолирана во рамките на Европската Унија.
Во дипломатските кругови во Софија веќе се слушаат оценки дека „тврд став во кампања е едно, а владеење е нешто сосема друго“. Тоа не значи отстапки преку ноќ, но значи можност за пофлексибилна тактика, можеби повеќе зад затворени врати, без гласни ултиматуми.
Од македонска перспектива, проблемот е што и најумереното сценарио не ветува брзо деблокирање.

Фото: Принтскрин
Бугарското вето одамна е „вгнездено“ во поширок политички консензус: од левица до десница. Радев не го создаде тој консензус, но вешто го капитализираше.
Ако стане премиер, тешко дека ќе оди против расположението на гласачкото тело што токму поради тој став би го донело на власт. Напротив. Може да го „облече“ во поевропски јазик.
Европските дипломати, пак, се во непријатна позиција. Јавно ќе повторат дека процесот на проширување е кредибилен и дека билатералните спорови не треба да бидат пречка, но приватно признаваат дека без политичка волја од Софија, Брисел има ограничен маневарски простор.
Во тој контекст, Радев како премиер би бил потежок соговорник од технички или краткотрајни влади, токму затоа што би имал јасен мандат и легитимитет. И, парадоксално, токму затоа би можел да направи мал чекор напред, секако, доколку процени дека моментот е погоден. Дали ќе го направи? Засега, ништо не укажува на тоа.
Во Скопје, реакциите се мешавина од скепса и умор. По сите изминати ветувања, рамки, протоколи и „историски“ договори, тешко е да се продаде оптимизам. Дури и ако Радев победи и формира влада, процесот веројатно ќе продолжи бавно, со нови услови, нови формулации, нови објаснувања зошто „сега не е моментот“. А времето, како и обично, ќе си врви.
На крајот, можеби најреалната проценка е најнепријатната: смената на улоги во Софија нема автоматски да значи смена на политиката кон Македонија. Може да значи порафиниран тон, можеби помалку јавни конфронтации, можеби повеќе дипломатски тишини.
Но суштината на спорот, барем во блиска иднина, останува заглавена таму каде што е со години. И додека се чекаат избори, оставки и нови партии, европскиот пат повторно мирува… или барем така изгледа од оваа страна на границата.
Б.Т.