ЕУ го повлече првиот потег против САД, Трамп од Давос: „Не сакаме ништо, само парче мраз“

Европската унија го презеде првиот конкретен чекор против САД, замрзнувајќи клучен трговски договор како одговор на најновите закани и пораки од американскиот претседател Доналд Трамп.

од desk4
23 прегледи Фото: Принтскрин

Потегот доаѓа во момент на сериозно заострување на трансатлантските односи, токму за време на Светскиот економски форум во Давос.

Трамп пристигна во Швајцарија и од говорницата во Давос упати остри критики кон Европа, НАТО, Данска и Канада. Во серија контроверзни изјави, тој повторно ја отвори темата за Гренланд, наведувајќи дека САД „не бараат ништо, освен Гренланд“, кој, според него, има „огромно стратешко значење“.

„Само сакаме парче мраз. Таму ќе ја изградиме најголемата златна купола“, изјави Трамп, додавајќи дека бара итни преговори за преземање на Гренланд.

Непосредно пред доаѓањето на Трамп, неколку европски лидери го напуштија Давос. Меѓу нив се и францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, што дополнително ја нагласи политичката напнатост.

Во меѓувреме, фон дер Лајен најави „радикален стратешки пресврт“ на Европа, со поголем фокус на економска и безбедносна автономија.

Како реакција на ситуацијата, еден од најголемите дански пензиски фондови објави дека започнува продажба на американски државни обврзници. Истовремено, во Давос се случи и дипломатски инцидент откако еден од министрите на Трамп предизвикал бурни реакции за време на официјална вечера, при што дел од гостите јавно негодувале.

Трамп влезе и во вербална пресметка со канадскиот премиер, испраќајќи порака дека „добро ќе биде да се запамети што е кажано денес“.

Дополнителна тежина на форумот дадоа и изјавите на американскиот претставник Стив Виткоф, кој тврди дека мировниот договор за Украина е „90 проценти готов“ и најави патување во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Овогодинешниот форум во Давос, наместо економски оптимизам, се одвива во сенка на остри геополитички пораки, трговски закани и сè подлабок јаз меѓу Европа и САД, јаз што, според европските лидери, повеќе не може да се премостува со декларативни партнерства.