За три месеци Јавниот долг зголемен за над 330 милиони евра !

Сумирана е должничката позиција на македонската економија во 2025-та – на крајот од декември Јавниот долг достигна историско ниво во апсолутен износ од 10.064.000.000 евра. Според новите податоци од Министерството за финансии Јавниот долг на крајот од 2025 изнесувал 59,6% од БДП.

од Vladimir Zorba
33 прегледи Фото: Локално

Сумирана е должничката позиција на македонската економија во 2025-та – на крајот од декември Јавниот долг достигна историско ниво во апсолутен износ од 10.064.000.000 евра. Според новите податоци од Министерството за финансии Јавниот долг на крајот од 2025 изнесувал 59,6% од БДП.

Споредбата на квартално ниво што ја направи „Локално“ покажува дека вкупниот Јавен долг е зголемен и како апсолутен и како процентуален износ. Пресметката покажува дека за три месеци, или во споредба со третиот квартал, долгот е зголемен за 334.100.000 евра.

На крајот од септември Јавниот долг изнесуваше 57,6% од БДП. За три месеци пораст има и кај надворешниот долг, кој достигна скоро 5 494 000 000 евра, и кај внатрешниот долг кој на крајот од декември изнесувал 4.570.200.000 евра. Според новите податоци, позначајно квартално зголемување на долгот има и по основ на Државниот долг кој ги опфаќа Централната Влада, Општините, Јавните фондови. Така, Државниот долг на крајот од минатата година достигна ниво од 8.753.000.000 евра со зголемување за скоро 255.000.000 евра.

Според податоците од ревидираната Стартегија за управување со Јавниот долг, фискалната власт најавува пораст на задолжувањето и оваа година но и следната. Декларативно во документите и натаму се нотира дека „Лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок не треба да го надмине нивото од 60 отсто од БДП“, но оваа „граница“ според најавите годинава во 2027 та ќе биде „пробиена“.

„Јавниот долг до 2028 година ќе го надмине максималниот праг од 60 отсто од БДП, односно во 2026 година јавниот долг ќе изнесува 62 отсто од БДП, во 2027 година 60,1 отсто и во 2028 година јавниот долг ќе забележи умерен пад, односно 60,9 отсто од БДП како резултат на постепената фискална консолидација – пишува во ревидираната Стратегија за управување со Јавниот долг.

„Зголеменото задолжување секогаш носи фискални ризици, особено во контекст на структурен дефицит и продлабочување на јавниот долг. Затоа е важно секој заем да се оценува не само според неговата намена, туку и според долгорочната одржливост на јавниот долг и ефектите врз економскиот раст. Во поширок контекст, задолжувањето мора да биде усогласено со фискалните правила и лимитите на јавниот долг, а секој заем да има јасно дефинирани цели, индикатори за ефект и транспарентен надзор. Само така заемите ќе бидат инструмент за развој, а не извор на нови фискални ризици“ – рече неодамна во интервју Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“.

Годинава започна со задолжување од 1 милијарда евра само по основ на Еврообврзница а преку законски решенија се обезбеди и заем од деловна банка во земјава. Преку задолжувањата кај домашните кредитори преку хартии од вредност пак се обезбедија средства за враќање на веќе доспеани обврски по истиот основ.

Д.А.