Мејловите на Епштајн содржат информации за мозоци од Македонија кои биле замрзнати и испратени во САД

Човечки мозоци од Македонија користени за истражувачки цели во САД

од Nikola Popovski
61 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/The Sun

Во е-мејловите поврзани со покојниот американски милионер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, се појавуваат тврдења дека мозоци од луѓе кои починале во Македонија биле замрзнати и транспортирани во САД, каде што наводно биле користени за истражувачки цели.

Сепак, пораките во никој случај не се директно поврзани со скандалот со Епштајн со сексуална експлоатација, туку е дел од новинарска истрага на „Блумберг Бизнисвик“, спроведена од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лангрет.

Статијата е насловена: „50-годишниот лек што би можел да ја реши кризата со самоубиства во Америка“ (станува збор за кетамин).

Во текстот се наведува дека американски научници, поврзани со Универзитетот Колумбија, со години создавале банка од околу 1.000 човечки мозоци, кои служеле за истражувачки цели. Колекцијата вклучувала примероци од лица кои извршиле самоубиство, како и контролни примероци, при што Македонија е наведена како една од земјите од кои биле обезбедени дел од примероците.

Според објавените информации, мозоците биле отстранувани по смртта, веднаш замрзнувани и транспортирани во САД, каде биле правилно означени и архивирани. Во дел од електронската кореспонденција се опишуваат и логистички детали за транспортот на примероците.

Во еден од цитираните мејлови се наведува дека процесот бил олеснет од член на факултетот на Универзитетот Колумбија со потекло од Македонија, кој помогнал во организацијата на целата постапка. Во пораките се опишува и начинот на транспорт и складирање на примероците.

Дополнително, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Епштајн, преку својата фондација, донирал средства за истражувања поврзани со овие примероци. Овие наводи, објавени од поединци на „Фејсбук“, засега остануваат непотврдени од официјални институции. Станува збор за период во 90-тите и 2000-тите години.

Преводот на клучниот пасус гласи:

„Малата балканска земја Македонија ги обезбедува најновите мозоци, благодарение на еден член на факултетот на Универзитетот Колумбија кој потекнува оттаму и кој помогнал да се организира целиот процес. Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и со авион се транспортираат во сандаци, под специјална придружба, поминувајќи околу 7.500 километри (4.700 милји) за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, означени со QR-кодови. Внатре се наоѓаат дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси, обележани со маркери: десна страна, лева страна и датум на земање“.