Каде ќе ги легнеме 5-те милиони туристи?

Очекувањата на Владата дека годинава ќе имаме 5 милиони ноќевања се тешко остварливи во услови на недостиг на сместувачки капацитети, инфраструктура и стручен кадар во туризмот. Македонија има потенцијал, но тој сам по себе не создава туристички производ, промет или економски ефект

од Vladimir Zorba
74 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

Очекувањата на Владата дека годинава ќе имаме 5 милиони ноќевања се тешко остварливи во услови на недостиг на сместувачки капацитети, инфраструктура и стручен кадар во туризмот. Македонија има потенцијал, но тој сам по себе не создава туристички производ, промет или економски ефект. Тој е суровина која, без знаење, визија и современо управување, останува неефикасна за развојот на индустријата.

Туристичкиот експерт и поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, за „Локално“ вели дека токму поради недоволните вложувања во туризмот нашата држава е неконкурентна со понудата на соседните земји.

-Повеќе пати во изминатата година укажав на дисбалансот на нашата туристичка дестинација со барањата на новите целни групи, односно патувачи и нивните интереси во дестинациите кои патуваат. Податоците за континуираниот пад на домашните туристи ја покажува неконкурентноста на нашата дестинација со регионт. Скоро во целост изостануваат викенд и кратки аранжмани, семејни и социјални пакети, сезонски и тематски понуди за домашнте туристи од страна на домашните туроператори. На овој начин фокусот на домашните туристи кои преставуваат реинвестирање во државата изостанува, а се вложуваат голем број на средства во субвенционирање на странски гости преку странски туроператори. Очигледно е дека домашните туристи преставуваат база додека странските туристи се додадена вредност во една сериозна туристичка дестинација која размислува долгорочно, смета Јаневски.

Љупчо Јаневски; Фото: Приватна архива

Потребни се нови сместувачки капацитети, туристички атракции, туристички содржини и уникатни услуги кои ќе помогнат во туристичкото брендирање на државата. Неможе да се надеваме на раст и развој на една дестинација без инвестиции и континуирано вложување во нови услуги и нови капацитети.

-Долгогодишната практика покажува дека инвестициите на светски брендови во хотелската индустрија проследени со светски франшизи во угостителскиот сектор овозможуваат брз развој и дополнителна вредност на дестинацијата и нови потенцијални посетители. Очигледно е дека во Македонија во последните десет години инвеститорите не одминуваат инвестирајки во нашето сосетство, а тоа се должи на повеќе фактори меѓу кои, немање државна стратегија за развој на туризмот, недостатокот на јасна цел за привлекување инвеститори во туристичката индустрија, низок капацитет на локалните институции за овозможување на услови за инвестирање, олеснување на процедурите при инвестирање…Овие пречки ги демотивираат инвеститорите да ја одберат Македонија како дестинација и да инвестираат во туризмот, вели Јаневски.

Тој додава дека со навремени мерки – промени во моделот на субвенционирање, развој на руралниот туризам, дигитализација преку платформата Е-туризам и измена на законот за туристичка дејност – веќе на почетокот на 2026 година можеше да се достигне подобра стартна позиција од 3,7 милиони ноќевања и да се приближиме до бројката од 5 милиони ноќевања.

-Во изминатите две години можевме да постигнеме многу повеќе во туризмот и барем да се приближиме до растот кој го забележаа нашите соседи Албанија, БИХ, Србија, Косово или да примениме некои од нивните успешни приказни во развојот на дестинациите и брендирањето на државата. За поголем развој потребно е реивестирање на домашните компании во постоечките капацитети, јавно – приватни партнерства на голем број државни објекти, соработка со туристичките комори и асоцијации, национална кампања за подигање на туристичкиот бренд и повторно поставување на нашата земја на светската туристичка мапа, заклучува Јаневски.

Б.С.