Демократската унија за интеграција изразува длабоко незадоволство и остро реагира против, како што велат, заканите упатени кон судиите и обвинителите од страна на министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција. Од ДУИ велат дека не само што извршната власт нема уставно право да сугерира како ќе дејствуваат судските органи, туку улогата на Министерството за правда е токму да го заштити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи кога политичката поларизација врши голем притисок врз поединци во рамките на правосудниот систем.
-Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува, создавајќи клима на однапред одредена одлука и јавно упатувајќи пораки што претставуваат притисок врз обвинителите и судиите. Ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековен процес и, покрај тоа што го кршат принципот на поделба на власта, претставуваат сериозен удар врз правосудниот систем и го загрозуваат интегритетот на постапката.
Апелираме до министерот да се воздржи од каква било понатамошна јавна интервенција во ова прашање, додека Министерството за правда, преку јасна и одговорна комуникација, мора да ја гарантира и заштити независноста и непристрасноста на судскиот систем. Доколку оваа практика продолжи, министерот мора веднаш да биде разрешен, со цел да се заштити независноста на судството во овој чувствителен момент, истакнуваат од партијата од Мала Речица.
ДУИ потенцира дека ќе продолжи внимателно да ги следи и истакнува сите дејствија или однесувања што создаваат клима на линч и го попречуваат независното и непристрасно донесување одлуки од страна на судските органи.
-Нашите стратешки партнери – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Македонија – исто така ќе бидат информирани за овие случувања, додаваат од таборот на Али Ахмети.
Филков побара Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител кои одлучиле затворскиот притвор на екс-вицепремиерот Артан Груби да биде заменет со куќен, во случај поврзан со истрагата за проневера од над осум милиони евра. Филков изјави дека досега не коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки, но дека во овој случај јавноста има право на одговори, особено затоа што станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, а ризикот од бегство веќе бил утврден.
Тој ги повика јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на обвинителството Анел Фидоски и судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, Марин Станевски, јавно да ги образложат правните аргументи врз основа на кои е донесена одлуката.
Министерот најави и дека ќе биде побарано објаснување за условите во притворските установи, како и вонреден надзор во казнено-поправните установи за утврдување на безбедносната состојба, нагласувајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.