Андонов за евентуална нафтена криза: „Најцрните сценарија предвидуваат цени и до 140 долари за барел“

Согласно обврските од ЕУ, Македонија има обврска да чува залихи на нафтени деривати во износ од најмалку 90 дена од просечниот дневен увоз, или 61 ден од просечната дневна потрошувачка, вели за „Локално“, поранешниот советник за енергетика на премиерот на Македонија

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Фејсбук/Дома

Нападите на САД и Израел врз Иран предизвикаа моментален и остар скок на светските цени на нафтата поради страв од прекин на снабдувањето преку клучните поморски патишта. Цената на нафтата од типот Брент скокна за над 9 проценти на почетокот на тргувањето, достигнувајќи околу 80 долари за барел. Американската лесна нафта исто така забележа раст од околу 8 проценти, тргувајќи се над 71-75 долари. Најголем страв за пазарите е делумното или целосното затворање на Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу 20 проценти од светската нафта. По извештаите дека Иран го забранил минувањето на бродови низ овој премин, многу танкери го прекинаа движењето. Ова е особено важно и за нас бидејќи Македонија како увозно зависна економија е изложена на ризик од инфлаторни притисоци, бидејќи цената на нафтата е вградена во речиси сите добра и услуги.

Дали нè очекува светска криза и како би се справила Македонија во целата ситуација?

Генерално, војните и тензиите на Блискиот Исток во минатото резултирале со зголемени цени на суровата нафта и нафтените деривати, како и на природниот гас. Кон крајот на 1973 година се случи војната помеѓу Израел и Египет, а сите арапски земји членки на ОПЕК вовеле ембарго кон САД и западно европските држави кои го подржувале Израел и ги стопирале испораките на нафта. Кон крајот на истата декада, или во 1979 година поради Иранската револуција, повторно дојде до големи прекини во снабдувањето со нафта од Иран, кој важи за една од најголемите земји извознички на нафта. Ова се првите настани кога воопшто Светот и светската политика се соочиле со прашањето на Енергетската сигурност. Токму како резултат на првиот настан, во 1974 година во Париз е формирана и Меѓународната агенција за енергетика со главна цел, да се обезбеди сигурност на снабдувањето со нафта за индустриските земји.

За ситуацијата во сегашноста, енергетскиот консултант и поранешен советник за енергетика на претседателот на Владата, Виктор Андонов, истакнува дека клучниот фактор е стратешката позиција на Ормутскиот теснец. Согласно податоците за 2025 година, низ Ормутскиот теснец поминувале околу 20 милиони барели дневно, на нафта и нафтени производи. Согласно некои од пресметките на финансиските експерти, оваа трговија на годишно ниво изнесува околу 600 милијарди долари.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

-Меѓутоа треба да се има во предвид дека за разлика од нафтените кризи во седумдесетите години на минатиот век, кога ембаргата биле насочени кон земјите од Западна Европа и САД, сега најголемиот дел од количините кои поминуваат низ Ормутскиот теснец се наменети за Азискиот пазар.

Како што потенциравте во прашањето, веќе гледаме раст на цените на гасот и нафтата на светските берзи и истиот очекувам да продолжи во наредните денови поради секојдневните воени напади. Состојбата со цените ќе зависи од времетрањето на конфликтот, односно дали истиот ќе биде краткотраен, односно ќе трае една до две недели или ќе трае подолго. Некои аналитичари предвидуваат дека цените можат брзо да ја пробијат границата од 100 долари за барел, а најцрните сценарија предвидуваат цени и до 140 долари за барел.

Според мене загрижувачки факт е тоа што складиштата со природен гас во земјите членки на ЕУ во овој период од годината се на ниво под 30% од нивниот капацитет, а имајќи во предвид дека поради војната во Украина, земјите од ЕУ значителен дел од своите количини ги обезбедуваат од LNG, ова може да доведе до зголемување на волатилноста на цените на природниог гас во следниот период, а ова не засега и нас како држава, вели Андонов во разговор за „Локално“.

Соговорникот смета дека прерано е да се предвидува дали ќе има светска криза или не. Сепак наведува дека доколку конфликтот трае подолго и во него се вклучат и други земји, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека ќе имаме голема нафтена криза, која во суштина е енергетска криза која ќе предизвика инфлација и ќе го наруши функционирањето на светските пазари и ќе ја загрози целата економија.

Во време на корона-пандемијата, на повеќе бензински пумпи ширум Македонија беа забележани големи редици на возила кои чекаа да ги наполнат резервоарите, воочи најавеното поскапување на цените на горивата. Еден период цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС 95 изнесуваше 104 денари, додека литар дизел чинеше 95 денари. Запрашан како ова сега ќе влијание на Македонија и дали можеби повторно се очекуваат редици, експертот смирува и порачува дека не треба да се создава паника за да се прават редици за гориво.

-Имајќи во предвид дека од 2013 година, скопската рафинерија во сопственост на ОКТА не преработува сурова нафта и не произведува нафтени деривати, сите количини на нафтени деривати кои се трошат во земјава доаѓаат од увоз, при што најголем дел доаѓаат од Грција преку Солунското пристаниште.

Согласно официјалните податоци од Грција, увезените количини на сурова нафта во Грција во 2024 година биле дисперзирани и тоа најголем дел се увезени преку Ирак (34%), Казакстан (21%), Либија (18%), Саудиска Арабија (10%) и Норвешка (7%). Со тоа што во последните две три години, се зголемува увозот посебно од Казакстан, Норвешка и Саудиска Арабија. Најголемиот дел од увезените количини во Грција за 2024 година, околу 34% доаѓаат од Ирак и овде може да се утврди дека постои ризик од нарушување на синџирот на снабдување, меѓутоа постои и алтернативна рута преку која суровата нафта од Ирак може да пристигне до Солунското пристаниште а тоа е преку постоен нафтовод до Турција, односно нафтоводот ITP.

За време на викендот и земјите членки на ОПЕК се договорија да го зголемат дневното производство на нафта за Април, меѓутоа загрижуваат информациите за нападите врз нафтените терминали во Саудиска Арабија кои можат да имаат сериозно влијание и да ги нарушат синџирите на снабдување.

Треба да се надеваме дека дипломатијата ќе си ја заврши работата и ќе го заврши овој конфликт во Блискиот Исток, и на тој начин последиците кои нас би не тангирале би биле краткотрајни, објаснува Андонов.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Околу тоа што треба да преземат надлежните кај нас за да спречиме или полесно да се справиме со евентуална криза, енергетскиот консултант информира дека согласно обврските од ЕУ Директивите поврзани со резервите на нафтените деривати, Македонија како и останатите земји од Западен Балкан имаат обврска да чуваат залихи на нафтени деривати во износ од најмалку 90 дена од просечниот дневен увоз, или 61 ден од просечната дневна потрошувачка, во зависност од тоа која вредност е поголема.

-Владата токму за тоа во минатото ја формираше и Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА која се финансира токму од процент од секој продаден литар на нафтен дериват. Состојбата мора да се следи сериозно, посебно во делот на снабдувањето со нафтени деривати и природен гас.

Законот за енергетика предвидува формирање на Група за следење на кризна состојба, која треба да ги следи состојбите со пазарите на нафтени деривати и сигурноста во снабдувањето и на нејзин предлог може да се прогласи и кризна состојба во снабдувањето со нафтени деривати и да се превземат и потребни мерки за обезбедување на сигурноста во снабдување и нормално функционирање на домашната економија. Координацијата со соседите е исклучително важна, бидејќи сигурноста во снабдувањето со енергија и енергенси не зависи само од нас, туку истата се обезбедува во рамките на регионот посебно кога 100% сте увозно зависни и од нафтени деривати и од природен гас. Потребна е и координација со земјите членки на ЕУ, при донесувањето на нивните мерки и планови да ги имаат во предвид и земјите од Западен Балкан кои се кандидати за влез во ЕУ, потенцира соговорникот.

Дополнително, додава Андонов, живееме во време кога секој преку своите мобилни уреди, има пристап до најразлични вести поврзани со воениот конфликт, поврзани со достапноста на нафта и нафтени деривати, природен гас, движењето на цените и слично.

-Надлежните органи мора да имаат во предвид дека во вакви ситуации, дезинформациите можат да предизвикат непотребни паники кај населението. Во зависност од случувањата на Блискиот Исток, доколку дојдеме во состојба на прогласување на енергетска криза, задолжително да се има предвид, навременото информирање на граѓаните за донесените мерки и планови за справување со кризата со цел избегнување на непотребен хаос и ширење на дезинформации, заклучува Андонов.

Иран во моментов нема планови да го затвори Ормутскиот теснец по нападите на САД и Израел, изјавил министерот за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за „Ал Џезира“ во неделата.

„Засега немаме намера да го затвориме Ормутскиот теснец, ниту пак планираме, во сегашната фаза, да преземеме какви било мерки што би ја нарушиле пловидбата (низ теснецот)“, рекол шефот на иранската дипломатија.

Иран произведува околу 3,3 милиони барели дневно и околу 1,3 милиони барели кондензат и други течни јаглеводороди. Во саботата, експлозии се слушнаа и на иранскиот остров Харг на север од Персискиот Залив, со терминали од кои 90 проценти од извозот на нафта на Иран се испорачува до странските клиенти. Најголем купувач на иранска нафта е Кина.

Н.П.

Слични содржини