Непартиски човек или инструмент на власта: „Предлогот за нов државен јавен обвинител сам по себе не може да ја врати довербата во правосудството“

„Квалитетен судија со докажан интегритет“: Дали Савески ќе ја „крене довербата од 2%“?

од Nikola Popovski
61 прегледи Фото: Фејсбук

Судијата Ненад Савески е владиниот предлог за нов државен јавен обвинител. Пред официјалното преземање на функцијата, изборот на Савески треба да биде потврден и со мнозинство од 61 глас во Собранието. Владата ја донесе оваа одлука по, како што рекоа од таму, сеопфатната, конструктивна и аргументирана дискусија, а водејќи се од принципите на професионалност, интегритет и стручност.

Иако на огласот распишан од Собранието во јануари годинава, првично се пријавија петмина кандидати, Советот на јавни обвинители го дисквалификуваше поранешниот судија Владимир Панчевски. Савески, пак, доби позитивно мислење и од сите десетмина членови на Советот. Претходникот на Савески, Љупчо Коцевски, си даде оставка во декември минатата година, односно на истиот ден кога македонското Собрание требаше да решава за негово разрешување.

По објавувањето на предлогот, дел од јавноста со свој коментар. Поранешната судијка и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска вели дека нема забелешки за кандидатурата на Савески. Во разговор за „Локално“ вели: „По она што јас го знам, се покажал како квалитетен судија, а пред тоа бил и обвинител, така што не му е непозната работата“. Од друга страна, според Николовска, Савески го има докажано интегритетот на одреден начин, но, секако треба да се следи неговата работа и да се види што и како со неговото однесување.

Маргарита Николовска/Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Што се однесува до политичкото влијание, не можам да коментирам затоа што не знам дали има некакви блиски односи со власта или со опозицијата. Во таа насока, не можам ништо да кажам. Ова што го кажав за него е резултат на тоа што сум го дознала преку разговори и преку новинарите што укажале за неговата работа, додека работел како судија. Добро е што имаше повеќе лица за да се направи предлогот, но, мене ако ме прашате, сметам дека треба да има повеќе кандидат, од кој што Парламентот треба да го изврши изборот, посочува екс-судијката.

Во суштина, според нејзините зборови, ова не е избор во насока на правото значење на избор – ова е нешто кое што или ќе се потврди од Парламентот или нема да се потврди.

-Имајќи ги во предвид нашите политички случувања, тешко е дека владејачката структура и она што таа го предлага до Собранието дека тоа нема да помине или се што е во таа насока поминува, додава Цаца Николовска.

„Одлучивме да го предложиме овој кандидат кој што со своjот богат и личен интегритет кој што го има, цениме дека ќе придонесе за зајакнување на правосудниот систем и она што го имаме 2% доверба“, рекоа вчера од Владата. Запрашана дали Савески е личност што може да ја крене довербата, соговорничката објаснува дека фамозните 2% се злоупотребуваат. Спооред неа, станува збор за судство за кое што Владата има таква ниска доверба, но, не смета дека тие податоци се релевантни затоа што не се однесуваат на целото судство.

-Точно е дека Обвинителството е дел од правосудниот систем, но треба да оставиме да видиме да продолжи да се работи, па да оценуваме. Како ќе ја покрене довербата е прашање на оценување за понатаму. Дали обвинителската работа ќе делува на покренување на довербата и кај судската е големо прашање. По мене, не може целосно да се каже дека целосно ќе делува, но секако во еден дел. Треба да оставиме да видиме како ќе одат работите понатаму, објаснува Николовска.

Од друга страна, според Мартин Тасевски, магистер по казнено право и истражувач за владеење на правото, предлогот за нов државен јавен обвинител сам по себе не може да ја врати довербата во правосудството. Според него, довербата не се гради со една кадровска одлука, туку со резултати – независни истраги, еднаква примена на законот и видлива борба против корупцијата на високо ниво.

-Само доколку новиот државен обвинител покаже дека обвинителството е институција која постапува неселективно и без оглед на политичката припадност, може постепено да се зголеми довербата во системот. Во спротивно, јавноста ќе продолжи да го перцепира изборот како уште една политичка ротација во институција која и онака долго време се соочува со проблем со кредибилитет, вели Тасевски за „Локално“.

Мартин Тасевски/Фото: Фејсбук

Во таа насока, додава соговорникот, се наметнува и поширокото прашање дали постојниот модел на избор на државен јавен обвинител обезбедува доволна дистанца од политиката.

-Иако изборот во Собранието носи формален демократски легитимитет, во пракса често создава впечаток дека клучната институција на кривичното гонење е зависна од политички договори. Затоа сметам дека е време сериозно да се отвори дебата за поинаков модел, во кој професионалната правна фела – обвинители, судии и стручни тела – би имала значително поголема улога во изборот, со цел да се намали политизацијата и да се зајакне довербата дека обвинителството постапува исклучиво според закон, а не според политички интереси.

Довербата во Обвинителството не се враќа со избор на една личност, туку со храброст институцијата конечно да постапува неселективно, потенцира Тасевски.

Покрај Савески, во трка за нов државен јавен обвинител, за кого Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење, беа и обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ. Иако формално беше во трка за нов државен јавен обвинител, во интервју за Канал 5 пред три недели, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за шеф на републичкото обвинителство.  Ристоска своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и пред Судот сè уште застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија.

Со порака дека кој се изгорел на млеко, дува и на јогурт, СДСМ порача дека клучно за нив ќе биде дали Савевски, ако биде избран, ќе постапува независно, професионално и непристрасно – или по диктат на власта. Во нивната реакција нема најава дали ќе го поддржат неговиот избор или не, иако тој не зависи од нивните гласови.

„СДСМ нема да биде како ВМРО и предвреме да осудува. Досега сите нивни одлуки се покажаа како одлуки за поставување луѓе кои ги контролира Мицкоски како што беше примерот со неговиот советник кој го избраа за судија, или сопругата на градоначалникот на ВМРО. Народот вели, кој се изгорел на млеко, дува и на јогурт.

Професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен Јавен обвинител, Савески говори дека станува збор за човек со долгогодишно искуство. Но, клучното прашање е дали новиот јавен обвинител ќе постапува независно, професионално, и непристрасно или под диктат на владата. СДСМ  внимателно и будно ќе ја следи неговата работа токму по тоа – дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта“, порачаа од СДСМ потсетувајќи на сите тендери изминатите месеци доделени на избрани фирми.

Н.П.