ДУИ предлага зголемување на минималецот за 3500 денари пред празниците Бајрам и Велигден

„Привремено да се намали ДДВ-то за основните прехранбени производи за период од три месеци, со цел веднаш да се намалат цените на пазарот“, стои во еден од предлозите на ДУИ

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

ДУИ бара да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци. Ова се дел од мерките кои партијата ги предлага на власта за спречување на злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден.

Како што вели Синан Вејсели, ДУИ предложи јасна мерка – зголемување на минималната плата и линеарно зголемување на останатите плати, како најправеден начин за заштита на животниот стандард на граѓаните.

-Овој предлог не беше прифатен. Како резултат, илјадници семејства денес се соочуваат со сè повисоки цени, додека нивните приходи остануваат исти. Состојбата станува уште потешка во овој период кога семејствата имаат зголемени трошоци. Се наоѓаме во месецот Рамазан и пред празниците Бајрам и Велигден, период кога на граѓаните им е повеќе од потребна ценовна стабилност и поддршка од институциите. За жал, Министерството за економија се однесува како оваа криза воопшто да не постои.

Прво, да се воведат максимални цени за основните прехранбени производи или да се утврдат ограничени трговски маржи, со цел да се спречат злоупотреби со цените.

Второ, минималната плата да се зголеми за најмалку 3500 денари, почнувајќи од месец март, наместо симболичното зголемување од 1600 денари што е предвидено во моментот.

Трето, привремено да се намали ДДВ-то за основните прехранбени производи за период од три месеци, со цел веднаш да се намалат цените на пазарот.

Четврто, да се направи ревизија на царинските податоци за увозот на овошје и зеленчук, имајќи предвид дека земјата во голема мера зависи од увоз и дека евентуалните манипулации во овој сектор директно влијаат врз цените за граѓаните.

Петто, да се зголемат контролите од надлежните инспекторати на пазарот со цел да се спречат шпекулации и злоупотреби со цените, посочија од ДУИ.

Партијата на Али Ахмети апелира до Регулаторната комисија за енергетика почесто да ги разгледува цените на нафтените деривати, најмалку двапати неделно, имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има значително намалување на цените.

-Секое доцнење во рефлектирањето на овие промени на домашниот пазар претставува дополнителен товар за граѓаните и за бизнисите. Граѓаните имаат потреба од конкретни мерки, а не од институционална тишина. Владата треба веднаш да преземе чекори за заштита на животниот стандард на семејствата, стои во партиското соопштение.